На 20 ноември (петок), во 20 часот во НУЦК „Бели Мугри“ – Кочани, ќе биде отворен Домот и изложбата насловени како „МАКЕДОНСКА РОК МЕМОРИЈА 1963–2026“.
Тошо Филиповски, автор на изложбата вели: отвораме една голема приказна за музиката што со децении живееше во нашите подруми, гаражи, клубови, концертни сали, на касети, грамофонски плочи, фотографии, плакати и пожолтени страници од музичките списанија и фанзини. Приказна за генерации музичари, автори, бендови и публика кои создаваа сопствена културна историја. Историја која премногу долго остануваше надвор од институционалната меморија.
„Македонска Рок Меморија 1963–2026“ е голема изложба посветена на македонската рок и современа музика, но и прв чекор кон нешто многу поголемо — создавање траен простор за истражување, собирање, заштита, архивирање и презентација на нашето современо музичко наследство.
Низ просториите на НУЦК „Бели Мугри“ ќе бидат претставени оригинални музички артефакти, грамофонски плочи, касети, плакати, фотографии, инструменти, фанзини, документи и други сведоштва за развојот на македонската музичка сцена од 1963 година до денес.Од првите рок-состави, преку прогресивниот рок, новиот бран, панкот и андерграундот, до алтернативната, метал, џез, блуз и другите современи музички сцени.
Истовремено, за првпат јавно ќе бидат претставени и Националната дигитална архива на македонската рок и современа музика — проект што има цел да ги поврзе музичарите, истражувачите, колекционерите и публиката во создавањето на една заедничка, достапна и трајна музичка меморија.
-Ова не е само изложба за минатото. Ова е обид да го зачуваме она што го имаме, да го пронајдеме она што недостасува и да изградиме основа за идните генерации. Ве покануваме да бидете дел од оваа приказна. Да се потсетиме, да откриеме, да споделиме и заедно да започнеме нешто што македонската музика одамна го заслужува. ОД ПОДРУМИТЕ – ВО АРХИВАТА.
ОД АРХИВАТА – ВО ЈАВНАТА МЕМОРИЈА. Еден дом. 63 години музика. Бројни парчиња меморија. 63 години македонска рок и современа музика. 63 години создавање, бунт, слобода, автентичност и музички идентитет, вели Филиповски.

