Британската антимонархистичка организација „Република“ (Republic) достави досие со докази од 80 страници до полицијата и до Кралската обвинителска служба во врска со поранешниот принц Ендру Маунтбатен-Виндзор, повикувајќи ги властите да спроведат темелна истрага за сите наводи за криминално однесување.
Од организацијата наведоа дека досието укажува на неколку области што бараат проверка, но не ја открија неговата конкретна содржина, напоменувајќи – врз основа на правен совет – дека материјалот е доверлив, пренесува „ГБ Њуз“ (GB News).
Според организацијата, наводите се однесуваат на можна злоупотреба на јавна функција.
Маунтбатен-Виндзор, вториот син на покојната кралица Елизабета Втора, беше уапсен во февруари оваа година – на неговиот 66-ти роденден – под сомнение дека открил доверливи информации на осудениот сексуален престапник Џефри Епстајн, додека ја извршувал функцијата британски трговски пратеник.
Тој постојано негира каква било вина.
„Република“, која се залага за укинување на монархијата, претходно најави планови за покренување приватна тужба против него; сепак, по неговото апсење, групата одлучи да им ги предаде доказите на полицијата и на Кралската обвинителска служба.
Како причини за оваа одлука, организацијата ги наведе високите трошоци и сложеноста на приватните кривични постапки. Греам Смит, извршниот директор на организацијата, изјави дека е важно полицијата да ги разгледа сите доставени докази, нагласувајќи дека групата не тврди дали Маунтбатен-Виндзор е виновен или невин, туку бара да се истражат сите наводи и сите да бидат еднакви пред законот.
Полицијата на долината Темза (Thames Valley Police) потврди дека истрагата за сомневања за недолично однесување при вршење јавна функција сè уште трае.
Портпарол на полицијата изјави дека истражителите ги следат сите разумни насоки на истрагата, но не даде дополнителни детали.
Полицијата доби ново досие со докази во истрагата против Ендру Маунтбатен-Виндзор

