По зачестените случаи на насилство врз жените од кои некои завршија фатално, денеска трите најповикани институции во државата – Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство и Министерството за социјална политика седнаа на заедничка маса за да договорат конкретни мерки за тино и ефикасно постапување.
Согласно договорениот протокол, при секој евидентиран настан, Министерството за внатрешни работи веднаш по приемот на пријавата ќе го известува надлежното јавно обвинителство. Јавниот обвинител ќе ја координира работата на тим составен од полициски инспектори и стручни лица од центрите за социјална работа, со цел навремено и синхронизирано постапување, информираше попладнево Државното јавно обвинителство.
Предвидено е итно обезбедување вешт наод и мислење за евентуалните повреди, процена на ризиците и прибирање на сите потребни докази, со што ќе се создадат услови за брзо донесување јавнообвинителска одлука и преземање соодветни дејствија за кривичен прогон.
Државниот обвинител Савески и министрите Тошковски и Велковски договориле воспоставување контакт точки во трите институции, преку определени лица кои ќе бидат постојано достапни за меѓусебна комуникација, координација и давање итни насоки.
Со зајакнувањето на меѓуинституционалната соработка се очекува да се обезбеди побрза реакција во секој поединечен случај, навремено преземање мерки за заштита и згрижување на жртвите, како и ефикасно процесуирање на сторителите пред надлежните судови. Институциите остануваат посветени на доследно и навремено постапување по сите случаи на семејно насилство, постапувајќи во тесна координација, со цел заштита на жртвите и обезбедување одговорност за сторителите, се наведува во соопштението.

