Европска унија и Велика Британија денеска псотигнаа нов договор кој опфаќа мерки што се однесуваат на мобилноста на младите, трговијата со храна и вештачката интелигенција.
Според британскиот премиер Енди Барнам станува збор за „историски момент“, а според лидерите на ЕУ договорто претставува „голем успех“ што отвора нови хоризонти и ќе овозможи помали трошоци.
На прес-конференцијата по постигнувањето на договорот, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта нагласи дека Велика Британија е најблизок сосед, доверлив сојузник и природен партнер на ЕУ.

„Затоа е сосема природно што војната во Украина, како и европската безбедност и одбрана, станаа појдовна точка за повторно воспоставување на нашите односи. Можеме да одиме и чекор понатаму. Ние не сме конкуренти. Заедно градиме решенија од кои сите имаат корист“, изјави Кошта.
Тој се осврна и на дебатата за можното понатамошно зближување, па дури и враќање на Велика Британија во ЕУ, која британскиот премиер Барнам ја иницираше во својата земја.
„По референдумот за Брегзит, рековме дека жалиме за таа одлука, но дека ја почитуваме. На ист начин, ќе ја почитуваме секоја одлука што Обединетото Кралство ќе ја донесе во однос на иднината на своите односи со ЕУ. Со голем интерес ја следиме дебатата што ја отворивте. Вие возите по левата страна, ние по десната, но најважно е што возиме во иста насока, рече Кошта.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен рече дека договорот ќе им понуди можностите на младите луѓе.

„Ова ќе отвори нови хоризонти и ќе создаде пријателства што ќе траат цел живот. Тоа е важно, бидејќи токму овие млади луѓе се оние што ќе ја обликуваат нашата иднина“, рече Фон дер Лајен.
Според неа, од договорот корист ќе имаат и потрошувачите, кои ќе добијат поголем избор по пониски цени, а системите за тргување со емисии на штетни гасови ќе им помогне на двете страни да ги постигнат заеднички климатски цели.
Фон дер Лајен истакна дека ЕУ и Велика Британија сакаат уште поблиско да соработуваат во блиска иднина, вклучително и во однос на економските прашања, но и во поглед на интеграцијата на пазарот на електрична енергија, контролата на илегалната имиграција и дигиталниот пазар.
Британскиот премиер Барнам итсакна дека ова е добар ден за Велика Британија и добар ден за Европа.

„Беше исправно оваа можност да се зграпчи со две раце, бидејќи сите во Обединетото Кралство сакаат да видат поголем раст“, рече тој.
Тој, исто така, упати порака конкретно до британските млади. „Овој договор има за цел да ги зголеми вашите можности. Овој договор е за вас, бидејќи Брегзит ги ограничи вашите хоризонти. Денес зборот е надеж и таа започнува сега“, додаде Барнам.
Тој нагласи дека британската Влада „нема да губи време во спроведувањето на договорот“.
„Станува збор за повторно градење на мостовите што беа урнати пред толку многу години. Денес ставаме крај на една деценија на неизвесност и поделби. Повторно се поврзуваме со старите пријатели. Граѓаните на Обединетото Кралство можат да очекуваат подобра деценија пред нив“, заклучи Барнам.

