Студенти и активисти денеска излегоа на улиците во повеќе од 20 европски земји како дел од координирани протести против наглиот пораст на трошоците за живот и домување, влошувањето на условите во образованието и зголемените воени трошоци.
Како што пренесува „Гардијан“ (The Guardian), активисти од над 50 групи во земји како Белгија, Франција, Германија, Грција, Италија, Португалија, Шпанија и Обединетото Кралство одржаа собири на кои палеа факели, уништуваа картонски макети од тенкови и носеа транспаренти посветени на борбата за иднината на младите.

Коалицијата „Младински штрајк“ (Youth Strike) – која овој настан го опишува како најголем координиран младински протест во Европа во последните години – соопшти дека демонстрации биле планирани во околу 400 градови под слоганот: „Се бориме за нашата иднина, а не за нивните војни“.
Шест вообичаени барања
На почетокот на ноември, белгиските, британските, шпанските, француските, грчките, италијанските и португалските синдикати и здруженија за права на домување, исто така, упатија заеднички повик за излегување на улиците на 20, 21 и 22 ноември.
Овие организации презентираат шест многу широки заеднички барања – од загарантирано право на домување за сите и намалување на цените на домувањето, храната и енергијата, до зголемување на платите, оданочување на богатите и прекин на политиките за преоружување.
Според францускиот историчар Силвен Булук, таквата координација на европско ниво не е нова, бидејќи веќе е организирана од европските синдикални конфедерации и активистката за климатски промени Грета Тунберг, но динамиката иницирана од младите луѓе е „уникатна“.
„Гледаме дека младинските движења се развиваат низ целиот свет во исто време“, истакнува тој, нагласувајќи дека „францускиот модел е извезен во остатокот од Европа“.
Без оглед на различните слогани, „она за што постои согласност на речиси сите протести е недовербата кон силите на редот и властите“.
Генерално главни барања, меѓу кои: крај на милитаризацијата и задолжителниот воен рок, структурни инвестиции во образованието и социјалната заштита, солидарност со Палестина, климатска и социјална правда, како и „радикална трансформација на системот во кој живееме“.
Италијанскиот организатор Алесандро Ди Мичели изјави дека протестите низ Европа се организирани со цел да се обезбеди правото на подобра и достоинствена иднина.
Тој истакна дека, иако конкретните барања се разликуваат од земја до земја, сите тие се длабоко меѓусебно поврзани.
Леонор Чико, организаторка на протестот во Португалија, посочи дека владите „секојдневно покажуваат оти потребите на помладата генерација не им се приоритет“.
Шабир Лаха, од британската коалиција „Стоп за војната“ (Stop the War), изјави дека оваа мобилизација претставува клучен чекор кон изградба на трајно меѓународно движење, способно да ги обедини младите, студентите и работниците околу заеднички барања.
Меѓу организаторите на денешните собири во Франција беа и членови на движењето „Жолти елеци“ – чии протести во 2018 и 2019 година ја потресоа земјата – додека во Германија, околу 1.000 студенти во Берлин протестираа поради стравувањето дека би можел повторно да се воведе задолжителен воен рок. Во Рим, Милано и други италијански градови, десетици илјади луѓе излегоа на улиците откако најголемиот синдикат во земјата, CGIL, организираше генерален штрајк против економските политики на премиерката Џорџа Мелони.
На демонстрациите во Лондон, предводени од млади луѓе, учесниците носеа транспаренти со натписи: „Не за војната, расизмот, климатската криза и капитализмот“, додека во Шпанија, протестите се совпаднаа со годишнината од смртта на диктаторот Франсиско Франко.

