Рускиот товарен брод „Спарта 2“, кој се поврзува со транспорт на воена опрема за руската армија, утрово беше нападнат од два дрона во Финскиот Залив крај брегот на Естонија.
По нападот на бродот избувна пожар, по што, според руските власти, започнала евакуацијата на екипажот.
Како што соопшти естонската полиција, станува збор за брод што ѝ припаѓа на руската компанија „Оборонлогистика“, која е поврзана со Министерството за одбрана на Русија и транспортот на воен товар.
Според првичните информации, на бродот одекнале експлозии додека пловел по меѓународната морска рута кон руската енклава Калининград. Во времето на инцидентот, бродот се наоѓал околу 11 наутички милји северно од естонскиот остров Ваиндло, во област под јурисдикција на Рускиот поморски центар за спасување во Санкт Петербург.
Естонската полиција добила пријава за пожарот во 9:35 часот по локално време.
Гувернерот на рускиот Ленинградски регион, Александар Дрозденко, потврди дека бродот бил погоден од два дрона. Според него, нападот се случил во меѓународни води, на околу три наутички милји од руската поморска граница.
„Екипажот во моментов е евакуиран. Последиците од инцидентот сè уште се утврдуваат“, соопшти Дрозденко.
Нема потврдени информации за евентуално повредени морнари или за обемот на штетата, а не е познато ни каков товар носел бродот.
Бродот претходно превезувал руско оружје
„Спарта 2“ не е обичен трговски брод. Според украинското воено разузнавање, тој учествувал во транспортот на руска воена опрема, вклучително и оружје, од Сирија до Русија.
Украинското разузнавање известува дека во август 2022 година, „Спарта 2“ превезувал системи за воздушна одбрана Ц-300 од Сирија до руското пристаниште Новоросијск, веројатно за потребите на војната против Украина.
Бродот припаѓа на компанијата „Оборонлогистика“, која обезбедува логистички услуги на руското Министерство за одбрана. Неговите операции вклучуваат транспорт на воена опрема, снабдување на руските сили и испорака на товар до окупираниот Крим.
САД воведоа санкции врз „Спарта 2“ во мај 2022 година поради неговите врски со „Оборонлогистик“. Украина, исто така, го додадоа на својата листа на санкционирани бродови во мај оваа година.
Финска го ограничува морскиот и воздушниот сообраќај
Финските одбранбени сили утрово во два наврати воведоа привремени ограничувања на воздушниот и морскиот сообраќај во источниот дел од Финскиот Залив. Тие објаснија дека станува збор за превентивни безбедносни мерки поради заканата од беспилотни летала.
Естонските власти, исто така, ги предупредија жителите на североисточните делови на земјата за можна закана од беспилотни летала. Борбени авиони на НАТО полетаа за да ја следат ситуацијата во близина на естонскиот воздушен простор.
Естонската полиција соопшти дека ја следи ситуацијата во соработка со своите фински колеги и дека ќе реагира доколку Русија побара меѓународна помош. Според информациите достапни досега, не е регистрирано загадување на морето.
Не е потврдено кој ги лансирал беспилотните летала што го погодиле бродот „Спарта 2“. Нападот се случил во текот на ноќта кога Русија пријавила голем број украински беспилотни летала над Ленинградската област.

