Во Центарот за култура „Ацо Караманов“ во Радовиш, денеска ќе се оджи и официјалната промоција на поетската збирка „Сизифовска пролет“ од македонскиот писател Владо Јаневски, кој за оваа книга е добитник на меѓународната книжевна награда „Караманов“ за 2026 година. Промотор ќе биде Борче Панов.
Владо Јаневски е македонски писател, поет, сликар и стрип-автор, роден во Прострање, а детството го поминал во Битола. Член е на Друштвото на писателите на Македонија. Автор е на повеќе романи, збирки раскази и поезија, меѓу кои „На грбот на неповратот“, како и на книги и стрипови за деца. Неговиот поетски ракопис „Молкозбор“ е награден со „Антев златник“. Добитник е и на книжевните награди „Пегаз“ и „Стојан Христов“, како и на повеќе награди за раскази, бајки, сценарио и ликовно творештво. Неговите слики се дел од приватни колекции во повеќе земји.
Ракописот „Сизифовска пролет“ едногласно ја освои наградата „Ацо Караманов“ 2026 за најдобра необјавена поетска книга на македонски јазик во конкуренција од 26 пријавени дела. Според жири-комисијата, книгата претставува зрело поетско остварување со луциден израз и неологизми, кое сведочи за личната и колективната судбина, балканската историска повторливост и човековата потреба да ѝ даде смисла на сопствената егзистенција. Изразот сизифовска пролет истовремено функционира и како силна метафора за залудно будење, бескрајно повторување или надеж која постојано се обновува и покрај тешките околности.
Корицата на книгата содржи авторска илустрација изработена од самиот Владо Јаневски.


