Најмалку пет лица загинаа, а 246 се повредени во силно невреме што ја зафати бразилската држава Рио Гранде до Сул, додека повеќе од 20.000 луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови, соопшти агенцијата за Цивилна одбрана.
Невремето зафати 36 општини, а според последните податоци, вкупно 24.673 луѓе се погодени од последиците на невремето. Оштетени се повеќе од 8.500 станбени објекти, при што градот Тупанцирета претрпе најтешки штети, пренесува бразилската телевизиска мрежа „Глобо“.
Во тој град беа регистрирани удари на ветер со брзина до 114 километри на час, а градоначалникот Густаво Хертер Тера изјави дека невремето практично го уништило градот.
„Го уништи градот. Имаме 8.600 куќи, а верувам дека околу 8.000 се уништени – или останале без покриви или целосно се урнале“, рече тој.
Според анализата на центарот за следење при Цивилната одбрана, невремето било предизвикано од таканаречена „суперќелија“, со индиции за можен „микрорафал“ (microburst) – исклучително силни воздушни струи што се движат надолу.
Од Цивилната одбрана наведоа дека, засега, нема потврда оти во Тупанцирета се појавило торнадо, иако таа можност не е целосно исклучена. Во невремето се оштетени 8.175 покриви, 468 куќи претрпеле други видови оштетувања, а еден станбен објект е целосно уништен. Штети се евидентирани и на училишта, здравствени установи и други јавни објекти.
Меѓу најтешко погодените области, покрај Тупанцирета, се и Сао Домингос до Сул, Лагоа Вермеља, Џари и Бом Принсипио.
Петмина загинати, 256 повредени, урнати куќи, во силно невреме во Бразил

