Индонезиските власти денеска соопштија дека бројот на загинати во пожарот што за време на викендот ја зафати фабриката за слатки на островот Јава, се искачи на најмалку 24.
Спасувачите, соочени со ризикот од уривање на нестабилните конструкции во јагленисаните остатоци од објектот, трагаат по уште околу 30 лица кои се водат како исчезнати, пренесува Ројтерс.
Властите сè уште ја истражуваат причината за пожарот, кој избувна во саботата вечерта во фабрика за слатки во Чиканде, во провинцијата Бантен. Според првичните информации, пожарот најверојатно настанал поради краток спој во уред за климатизација.
Раководителот во фабриката, Стивен Ервин Виџаџа, изјави дека во фабричкиот комплекс, за време на смената кога во саботата избувнал пожарот, имало околу 300 луѓе.
Според Ал Амрад, шеф на агенцијата за потрага и спасување во провинцијата Бантен, од фабричката зграда биле спасени 29 лица, од кои петмина се хоспитализирани.
Поради силината на пожарот, не било можно жртвите да се идентификуваат преку визуелна проверка. Во тек се активности за земање ДНК-примероци од членовите на семејствата, процес поради кој идентификацијата би можела да потрае неколку недели.
Бројот на загинати во пожар во Индонезија се искачи на најмалку 24

