Со сведоци од одбраната во судницата во затворот „Идризово“ се очекува да продолжи судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
За денешното рочиште, одбраната на првообвинетиот најави сослушување на неколку сведоци, меѓу кои вработена во „Пулс“, пиротехничар ангажиран од дискотеката, соработник на музичката група ДНК, угостител од Гевгелија, вработен во противпожарната служба, како и лица кои учествувале во внатрешното уредување и во раното работење на објектот.
На последното рочиште сведочеше Магдалена Јованова, ќерка на првообвинетиот Дејан Јованов, која пред изјави дека во објектот имало противпожарни апарати, панични светла и означени излези, како и дека пиротехника се користела и на претходни настани во дискотеката.
Таа сведочеше дека противпожарни апарати биле поставени кај главниот влез, бината и шанковите, а панични светла имало кај повеќе излези од објектот. Јованова изјави и дека при нејзините посети во објектот често забележувала полициски контроли, при што, како што рече, се вршеле проверки на лични карти и се контролирал влезот и излезот на посетителите.

