Опозициската СДСМ бара итна седница на Собранието, на која ќе се расправа за насилството врз жените и семејното насилство, а на која бараат да присуствуваат министрите за внатрешни работи, социјална политика и правда и државниот јавен обвинител.
Сведоци сме на бројни насилства врз жени и убиства, зад кои стојат претходни пријави, барања за помош и институционални пропусти. 17-годишнта девојка Билјана од Богданци – убиена и покрај активната забрана за приближување. Росица од Велес, Рамајана од Шуто Оризари, Ивана и нејзината ќерка од Скопје – не ја дочекаа помошта, не добија заштита и покрај бројните пријави. Насилникот кој ја претепа до бессознание Сара во Охрид првично беше пуштен да се брани од слобода. Ова не се изолирани инциденти – ова е доказ дека системот не ги штити жртвите, изјави Јована Тренчевска од Форумот на жени на СДСМ.
Посочи дека во последните две години се регистрирани 13 фемициди – 6 во 2025 и 7 во 2026 година, а во 2025 година биле евидентирани се 4.745 пријави од жени и поднесени над 1.000 кривични пријави, додека центрите за социјална работа регистрирале 1.754 нови жртви на семејно насилство.
Во првите десет месеци од 2026 година, бројот на пријави е зголемен за над 70%, а поднесени се 1.450 кривични пријави – зголемување од 50% во однос на истиот период минатата година, додека Министерството за социјална политика сè уште до денес ги нема јавно објавено полугодишните податоци за 2026 година. До надлежното јавно обвинителство се поднесени речиси 2.500 кривични пријави за овие две години. Но, клучното прашање на кое јавноста сè уште нема одговор, е за колку од нив е поднесен обвинителен акт и има судска завршница, изјави Тренчевска.
Од СДСМ ги повикуваат сите пратеници да застанат зад оваа нивна иницијатива.

