Утре вечер на 25.11.2026 (среда),во 20ч, во НУ Центар за култура – Битола, со настапот на Амира Медуњанин, ќе биде отворено 18то издание на Фестивалот на музика од светот што ќе трае до 30 ноември 2026 година.
Амира Медуњанин е глас што ја носи длабочината на севдахот и секоја песна ја претвора во интимна приказна.Утре ќе биде вечер исполнета со топлина, искрена емоција и мелодии што остануваат со вас.

На втората фестивалска вечер ќе настапи Јован Милошевски и CODE 369. Македонскиот гитарист и композитор кој ни доаѓа од Шпанија ја поврзува класичната гитара со балканските мелодии. Неговите аранжмани им даваат нова боја на традиционалните напеви, зачувувајќи ја нивната изворна емоција.
Битолскиот бенд носи современ авторски звук и силна сценска енергија. Со препознатлива рок основа, збогатена со фанк, џез и класични инструментални елементи, бендот создава звук што се движи меѓу алтернативниот рок и современата поп и рок музика. По гитарските приказни на Јован Милошевски, CODE 369 ќе ѝ дадат поинаков ритам на фестивалската вечер.
Страста на фламенкото оживува преку музика, ритам и движење на Сарсале., публиката на фестивалот ќе може да ја чуе на третата вечер. Сарсале носат темпераментна вечер во која секој тон и секој чекор раскажуваат приказна.

Мартеница, група од Турција што ги спојува балканските мелодии и макамските мотиви со современ музички израз, ќе настапи на 28. ноември. Моќен вокал, хармоника, виолина и перкусии водат од нежни, меланхолични песни до разиграни танцови ритми.

На 29.11.2026, Битолски дувачки оркестар ќе одржи заеднички концерт со Драган Мијалковски.Под раководство на Марјан Бакревски, оркестарот ќе ги обои безвременските македонски и странски композиции со богат дувачки звук. Концертот „Big Band Edition“ носи средба на оркестарската енергија со песните што поврзуваат генерации. Заедно со Драган Мијалковски, еден од најпрепознатливите македонски гласови, со повеќе од пет децении музичка кариера, Битолскиот дувачки оркестар ќе донесе вечер посветена на мелодиите што ги сакаме и паметиме.
Последната вечер е одвоена за настапот на Баклава и Трио Мандили, со што ќе биде затворен 18. Фестивалот на музика од светот. Препознатлив музички израз во кој традицијата добива современ здив. Баклава создаваат топол и разигран свет од мелодии, ритми и приказни.
Трите девојки од Грузија ја освоија публиката со природноста, вокалните хармонии и љубовта кон традиционалната музика. Нивните изведби со милионски прегледи ја носат убавината на грузиските песни до слушатели низ целиот свет.

Шест вечери исполнети со музика што поврзува култури, генерации и емоции, од севдах и фламенко до балкански ритми и безвременски композиции, ќе го заокружат 18то издание на Фестивалот на музика од светот, а Битола повторно ќе стане место за музички средби со светот.

