Министрите за туризам се состанаа во Тирана пред Самитот на лидерите за Планот за раст, кој ќе се одржи подоцна оваа недела и го лансираа Регионалниот механизам за туризам на ЗБ6
Тирана – Министрите и високите претставници надлежни за туризам од Западен Балкан Шест, заедно со меѓународните партнери, денеска се состанаа во Тирана на Министерскиот состанок за туризам, што се одржа како дел од програмата во пресрет на Самитот на лидерите за Планот за раст подоцна оваа недела. Тие разговараа за следните чекори за зајакнување на регионалната соработка во туризмот и официјално го лансираа Регионалниот механизам за туризам на ЗБ6, координиран од Советот за регионална соработка (RCC). Состанокот беше фокусиран на заедничкото регионално брендирање и промоција, полесното патување и туризмот со повеќе дестинации, како и на одржливото управување со дестинациите, туристичките податоци и вештините.

Генералниот секретар на Советот за регионална соработка (RCC), Амер Капетановиќ, ги претстави регионалните приоритети за брендирање и промоција на туризмот во рамки на сесијата со главни излагања.
„Туристичките оператори веќе ‘го продаваат нашиот регион’ на начинот на кој посетителите често го доживуваат – како едно патување. Нашата задача сега е тоа патување да го направиме полесно за планирање, полесно за патување и полесно за заедничка промоција. Регионалниот механизам за туризам ни дава начин заедничките приоритети да ги претвориме во заедничко дејствување и да постигнеме резултати што посетителите, бизнисите и локалните заедници навистина можат да ги почувствуваат“, рече Капетановиќ во своето обраќање.
Туризмот учествува со 13% во БДП на регионот и допира до бизниси и заедници далеку надвор од главните туристички дестинации. Капетановиќ нагласи дека посилната регионална соработка може да му даде на Западен Балкан поголем обем, континуитет и видливост на меѓународните пазари.
„Регионалното брендирање не значи сите да изгледаме исто. Тоа значи нашите разлики да бидат полесни за откривање. За една година треба да можеме да покажеме што станало полесно за патниците, какви нови можности можат да искористат бизнисите и што регионалната соработка носи во пракса“, заклучи Капетановиќ.
Регионалниот механизам за туризам на ЗБ6, координиран од RCC, кој беше одобрен на Самитот на Берлинскиот процес минатиот месец и лансиран на денешниот Министерски состанок, му обезбедува на Западен Балкан Шест регионален механизам за претворање на заедничките приоритети за туризмот во заедничко дејствување. RCC ќе ја олеснува неговата координација и спроведување. Механизмот ќе поддржува заедничко брендирање и промоција, поврзани регионални рути и искуства, посилно управување со дестинациите, како и соработка во областа на податоците и вештините.
Министерскиот состанок го отворија Бленди Гонџа, министер за туризам, култура и спорт на Албанија, и Мона Бјорклунд, генерален директор на Генералниот директорат за мобилност и транспорт (DG MOVE) на Европската комисија.

