Околу 1.990 илегални мигранти пристигнаа на шпанските Канарски Острови за само 24 часа, што претставува најголем број на баратели на азил што дошле во еден ден на овој архипелаг крај брегот на северозападна Африка.
Претходниот дневен рекорд, кој изнесуваше 1.500 пристигнувања беше посавен на 14 ноември, дносно пред само десетина дена.
„За жал, ова е историски ден“, изјави претседателот на Регионалната влада на Канарските Острови, Фернандо Клавихо.
Мигрантите кои пристигнаа сега се наоѓале во околу петнаесет преполни пловни објекти. Еден од патниците починал за време на патувањето, а меѓу мигрантите имало и бебе старо едвај четири дена, кое најверојатно се родило на море.
Според шпанските служби за поморско спасување, овој масовен прилив го зголемува притисокот врз локалните капацитети за прифат.
Повеќето мигранти пристигнаа на Ел Јеро, најзападниот остров од архипелагот, кој има помалку од 12.000 жители.
Според Клавихо, островот едвај може да се справи со толку голем прилив, особено што многу луѓе пристигнуваат исцрпени и со влошена здравствена состојба. На почетокот на октомври на островот беше прогласена вонредна состојба.
Поволни временски услови
Канарските Острови претставуваат една од најважните влезни точки во Европската Унија за мигрантите од Западна Африка. И овој пат, според Клавихо, повеќето пловни објекти дошле од Сенегал и Гамбија.
Фактот што толку многу мигранти пристигнуваат истовремено се должи, меѓу другото, и на периодот од годината. Традиционално, во есенскиот период повеќе луѓе се обидуваат да го преминат патот од Западна Африка до архипелагот, бидејќи временските услови на море тогаш обично се поповолни.
Овој пораст е јасно видлив и оваа година: од повеќе од 26.000 мигранти кои пристигнаа на архипелагот оваа година, околу половина пристигнаа на Канарските Острови во текот на ноември.
Сепак, вкупниот број на пристигнувања оваа година засега останува под рекордот од 46.843 лица забележан во 2024 година. Сепак, во споредба со минатата година, забележан е значителен пораст: тогаш, на архипелагот пристигнаа приближно 17.500 мигранти.
Инаку, в недела Шпанците излегуваат на гласање за парламентарните избори. Миграцијата стана една од главните теми во предизборната кампања. Особено премиерот Педро Санчез се соочува со критики од политичките противници поради неговиот релативно отворен став кон миграцијата.

