Косово е единствената земја од Западен Балкан која сè уште нема добиено статус на кандидат за членство во ЕУ, што покажува дека Унијата едноставно се однесува неправедно кон Приштина, смета косовскиот преемиер Албин Курти.
„Статусот на кандидат за членство за Косово отсекогаш бил важен, но Сега е и итен“, изјави КУрти за бриселскиот портал „Репортер“.
Иако Европската комисија претходно укажуваше на политичката нестабилност и недостатоци во односот на Приштина кон малцинствата, Курти смета дека реформите во Косово не се соодветно наградени, а и одамна се доцни со доделувањето на кандидатскиот статус.
„Нашиот напредок дома не се одразува реално во оценките што ги добиваме од Брисел“, рече Курти.
Во својот најнов извештај, Европската комисија го критикуваше Косово поради тоа што не ги спровело реформите што се бараа од Приштина, но, според Курти, вистинските причини за застојот лежат на друго место.
„ЕУ беше премногу попустлива кон поранешниот (српски) претседател (Александар) Вучиќ, а ние ја плативме цената за тоа“, рече Курти.
Иако реформското студентско движење неодамна успеа да стави крај на долгото владеење на Вучиќ во Србија, новите лидери не покажуваат знаци на промена во ставот кон независноста на Косово.
Сепак, Курти се надева дека Србија и Косово еден ден би можеле да бидат обединети во рамките на ЕУ.
„Шесте земји од Западен Балкан се во Европа. Но, ЕУ ќе мора да нè вклучи за навистина да стане Европа“, додаде Курти.
Според него, доколку тоа не се случи, кредибилитетот на ЕУ ќе биде доведен во прашање.
„Тоа е така бидејќи, доколку Брисел не го искористи моментот, довербата во ЕУ ќе опадне. Пред нас е историска можност“, порача Курти.

