Мрежата за заштита од дискриминација на Ѕидот на срамот денеска го стави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски упатувајќи прашања до него за најавените закони за подобрување на системот за спречување и заштита од насилство врз жените.
По убиствата на Ивана и Катја, во март годинава беше формирана работна група за измени на осум закони со цел подобрување на системот за спречување и заштита од насилство врз жените. Осум месеци подоцна, измените на само еден закон се поднесени во Собранието, а ниту тие не се усвоени.Министре Тошковски, каде се резултатите од работата за која сте задолжени? Што презедовте за усвојување на законските измени во чија подготовка и самите учествувавте?Како ќе обезбедите ефикасна заштита на жените и девојките доколку не се препознаваат и именуваат сите форми на родово базирано насилство?, прашуваат од Мрежата за заштита од дискриминација.
Бараат од Тошковски до 10 декември да се заложи за усвојување на предложените законски измени и јавно да ги објави конкретните рокови за подготовка и доставување на измените на останатите седум закони до Собранието.
Бараме рокови и одговорност, а не нови ветувања!, порачуваат од Мрежата за заптита од дискриминација.
Прв на Ѕидот на срамот беше ставен претседателот на Собранието Африм Гаши.
Додека законските измени чекаат, жените ги убиваат. Три месеци од поднесувањето на измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство. Седум месеци од одржувањето на надзорната расправа, без усвоени заклучоци со конкретни мерки, рокови и институционални одговорности. Во меѓувреме, седум фемициди во 2026 година. Инспирирани од „ѕидот на срамот“ на кој се повика претседателката Сиљановска-Давкова, во наредните денови ќе упатуваме јавни прашања до носителите на јавни функции од чие постапување зависи превенцијата на насилството и заштитата на жените, напишаа вчера од Мрежата за заштита од дискриминација.

