Иако е една од најсиромашните и најзатворените држави во светот, Северна Кореја се издигна меѓу најмоќните хакерски сили, со сајбер-армија која краде милијарди долари од светските финансиски институции и криптовалутни берзи. Режимот на Ким Џонг Ун, според аналитичарите, преку овие криминални активности обезбедува средства за финансирање на своите нуклеарни и воени амбиции, заобиколувајќи ги меѓународните санкции, објави Мета.мк.
Според американските власти, севернокорејските хакери минатиот месец ја извеле својата најголема досегашна операција, при што од „Бинанс“, најголемата криптовалутна берза во светот, украле криптовалути во вредност од шест милијарди долари. Со ова, вкупната вредност на украдените средства што им се припишуваат на севернокорејските хакерски групи достигнала 13 милијарди долари. Пјонгјанг негира каква било вмешаност.
Сајбер-единиците на Северна Кореја се појавиле на меѓународната сцена пред повеќе од една деценија, со дрзок напад врз холивудското студио „Сони пикчрс“. Оттогаш, нивните операции прераснале во сериозна глобална безбедносна закана, насочена кон банки, владини институции, компании и критична инфраструктура.
„Тие се, на некој начин, приказна за себе. Концептот на користење државна единица за сајбер-шпионажа за вршење кражби, односно за чисто криминални активности, е нешто што никој друг не го прави“, вели Ник Карлсен, виш истражител во компанијата „ТРМ Лабс“, која ги следи трансакциите со криптовалути.
Хакери регрутирани уште од училишните клупи
Иако информациите за Северна Кореја се ограничени поради затвореноста на државата, сознанијата на пребегнатите граѓани, новинарите, хуманитарните работници и специјализираните аналитичари откриваат дека режимот со децении систематски градел хакерска армија.
Темелите на оваа стратегија биле поставени уште во 1980-тите години, кога тогашниот лидер Ким Ил Сунг, набљудувајќи го забрзаниот повоен економски развој на Јужна Кореја, основал училиште за надарени ученици во главниот град Пјонгјанг.
Во училиштето се изучувале природните науки, технологијата, инженерството, математиката и странските јазици. Конкуренцијата за упис била исклучително голема, а учениците биле избирани преку строг процес на селекција, според истражувањето од 2019 година на Џин Шин, директор на Институтот за национална стратегија при Националниот универзитет „Чунгнам“ во Јужна Кореја.
Иако пристапот до компјутерите бил ограничен и строго надгледуван, секоја година најдобрите 100 студенти по компјутерски науки биле испраќани на воени универзитети за дополнителна обука. Најталентираните меѓу нив потоа заминувале во Кина и Русија, каде што изучувале напредно програмирање и техники за хакирање.
Според Карлсен и медиумските извештаи, дел од идните хакери во одредени периоди биле испраќани и на размена во западни земји, вклучително и во Обединетото Кралство, во раните 2010-ти години, кога односите биле подобри.
Овие програми им овозможиле на севернокорејските студенти да стекнат сознанија за софтверските системи што ги користат големите светски корпорации, но и пошироки знаења од областа на финансиите и инженерството.
Карлсен го споредува овој систем со државно спонзорираната спортска машинерија на Источна Германија за време на Студената војна, која уште од најрана возраст ги идентификувала и обучувала децата со потенцијал да станат олимписки шампиони.
„Северна Кореја го прави истото со малите деца кои покажуваат математички талент: ги идентификуваат уште додека се мали и потоа ги развиваат“, објаснува тој.
Елитните хакери добиваат привилегии за целото семејство
По завршувањето на образованието и специјализираната обука, најдобрите студенти биле регрутирани во озлогласената воена „Единица 121“, која по наредба на режимот изведува сајбер-операции против странски банки, владини институции и критична инфраструктура.
Во сиромашна држава, во која поголемиот дел од населението живее во тешки услови, припадноста на оваа елитна структура носела значителни привилегии.
Најуспешните регрути можеле да ги преселат своите семејства во привилегираниот главен град и да добијат големи станови во елитни населби. Тоа претставувало огромна разлика во однос на животните услови во руралните делови на земјата.
Ова го потврдува Џанг Се-јул, севернокорејски пребегнат државјанин, кој студирал на воениот колеџ за компјутерски науки во Северна Кореја, пред да избега во Јужна Кореја.
Хакерската инфраструктура во голема мера била изградена уште пред Ким Џонг Ун да ја преземе власта во 2011 година. Но, новиот лидер, кој како млад живеел и студирал во Европа и одблиску го познавал подемот на интернетот, ја препознал можноста сајбер-војувањето да стане едно од најмоќните оружја на државата.
„Сајбер-војувањето е универзално оружје кое, покрај нуклеарното оружје и ракетите, на Севернокорејските народни вооружени сили им гарантира способност за изведување немилосрдни напади“, изјавил Ким Џонг Ун, според извештај на јужнокорејската разузнавачка служба од 2013 година.
Од нападот врз Холивуд до милијардите од криптовалути
До 2019 година, севернокорејската сајбер-армија веќе прераснала во сериозна сила, со проценет број од 1.800 до 7.000 хакери, зависно од изворот и методологијата на процена.
Еден од првите големи показатели за нејзините капацитети се појавил во 2014 година, кога хакерската група „Лазарус“ извршила напад врз американското холивудско студио „Сони пикчрс“.
Нападот предизвикал сериозни нарушувања во работењето на компанијата. Биле уништени внатрешни компјутерски системи, украдени чувствителни лични и деловни податоци, а вработените извесно време немале пристап до своите компјутери.
На интернет биле објавени и филмови што сè уште не биле прикажани, како и електронска пошта на високи раководители на студиото.
Оваа операција го означила почетокот на пошироката меѓународна препознатливост на севернокорејските хакерски капацитети. Во годините што следувале, нивните активности сè повеќе се насочувале кон финансискиот сектор и дигиталните средства.
Според аналитичарите, за режимот во Пјонгјанг сајбер-криминалот станал начин за обезбедување огромни финансиски средства во услови на меѓународна изолација и строги санкции, со што Северна Кореја успеала да изгради необична комбинација од државно организирана шпионажа, воено дејствување и организиран финансиски криминал.

