Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара од Министерството за надворешни работи, Министерството за одбрана и другите задолжени владини претставници денеска да стапат во контакт со меѓународните партнери кои сè уште не ги испорачале ветените пакети за поддршка на украинската противвоздушна одбрана. Тој најави дека до вечерва очекува извештај за ветените ракети и за тоа кога пресретнувачките ракети ќе пристигнат во Украина.
Во објава на Фејсбук, Зеленски информираше дека одржал координациски разговор со сите надлежни за комуникацијата со партнерите во врска со противвоздушната одбрана.
„Постигнати се конкретни договори – некои веќе се реализирани и сакам да ѝ се заблагодарам на Норвешка, но исполнувањето на другите сè уште е во тек“, истакна Зеленски во видеопорака.
Тој побара од надлежните институции уште денеска да ги контактираат партнерите кои сè уште не ги испорачале договорените пакети за поддршка и да утврдат кога Украина ќе ги добие ракетите за пресретнување.
Зеленски се осврна и на состојбата во енергетскиот сектор, особено во Днепар и регионот, Сумската и Черниговската област, Одеса и регионот, како и Харков и регионот.
Тој им се заблагодари на екипите за санација и на енергетските работници кои ги обновуваат оштетените капацитети по руските напади.
Особено внимание, како што наведе, било посветено на делови од Днепар и регионот, каде што во изминатите денови имало сериозни проблеми со снабдувањето со електрична енергија и вода.
„Министерството за енергетика на Украина и регионалните власти мора да имаат јасни одговори за граѓаните“, порача украинскиот претседател.
На координацискиот разговор биле разгледани и состојбите во Запорожје и Херсон.
Зеленски соопшти и дека Русија во изминатата недела извршила напади врз Украина со повеќе од 1.960 борбени дронови, над 1.600 наведувани воздушни бомби и осум ракети, при што биле погодени енергетски постројки и трафостаници во областите Виница, Кировоград, Ривне, Харков и Одеса.
Во руски напад со дрон врз станбена зграда во Одеса загинала жена, а во Запорожје пет лица биле повредени, меѓу нив и 14-годишно девојче кое било спасено од урнатините, додека нејзината мајка загинала.

