Во рамки на кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“, Мрежата за заштита од дискриминација продолжува со иницијативата „Ѕидот на срамот“, преку која упатува јавни прашања до претседателот на собраниската Комисија за европски прашања, Антонио Милошоски.
Од Мрежата посочуваат дека европската интеграција не подразбира само декларативни заложби, туку и конкретни активности за унапредување на родовата еднаквост, заштита на човековите права и ефикасно справување со родово базираното насилство.
Во соопштението се повикуваат на извештајот на Европската комисија за 2026 година, во кој, како што наведуваат, антиродовите наративи се посочени како една од причините за системските пропусти во справувањето со родово базираното насилство.
Оттука, Мрежата упатува прашање до Милошоски како се усогласуваат заложбите за европска интеграција со давањето политичка тежина на актерите чии наративи, според оценките на Европската комисија, претставуваат проблем.
Дополнително, од него бараат да го соопшти својот став за предложените законски измени за заштита на жените од насилство, како и да посочи кои конкретни чекори ќе ги преземе за нивно усвојување.
„Европските вредности се докажуваат со политички одлуки и конкретни постапки. Бараме јавни одговори и политичка одговорност!“, порачуваат од Мрежата за заштита од дискриминација.

