Опозициската СДСМ денеска продолжи со објавување на информации за тендерите што ги добила фирма со двајца вработени блиска до ВМРО-ДПМНЕ.
Портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска на прес-конференција рече дека вториот вработен е Глигор Поцев кој бил сведок во случајот Таргет тврдина за уништувањето на опремата за масовно прислушување како вработен во УБК.
– А токму последниот договор со Владата и оваа фирма е рамковна спогодба за софтверски лиценци за виртуелна платформа. Како тоа лица кои биле дел од разузнавачки структури, кои директно или индиректно се поврзани со процеси за уништување на опремата за прислушување сега се пак во игра за милионски тендери за софтвери? И како тоа баш сега, Владата на Мицкоски избрала човек од тоа време, од тие структури, сведок за уништувањето на опремата?, праша Кузеска.
Случајот го обелодени вчера СДСМ најавувајќи дека ќе продолжи со објавување на информации поврзани со тендерите што оваа фирма со двајца вработени ги добила. Засега од Владата е молк. Реакција имаше само од ВМРО-ДПМНЕ.




