
Управата за јавни приходи соопшти дека исплатата на МојДДВ за третото тримесечје е во тек и дека причина за доцнењето кај дел од граѓаните е технички проблем.
– Во процесот на исплата кај дел од спецификациите се појави технички проблем кој бара целосна преработка на истите. Имено, доколку постои дури и само еден налог каде се појавува корисник со промена на банка или трансакциска сметка, целата пратка системски се враќа и средствата не се исплаќаат кон сите корисници кои се во ист налог како и корисникот кој извршил промена. Овој предизвик е веќе идентификуван и надлежните служби работат на негово надминување, велат од УЈП.
Сепак, на социјалните медиуми се почести се објавите од граѓани дека им доцни исплатата на МојДДВ.
Законскиот рок за исплата беше до 30 ноември, а дел од граѓаните се уште немаат добиено средства од скенираните сметки. Ова е првпат да доцни исплатата на МојДДВ.
Директорката на Управата за јавни приходи Елена Петрова во петокот изјави дека се исплатени 552 милиони денари, а во процедура се налози за исплата во вкупна вредност од 370 милиони денари.




