Во рамките на програмскиот сегмент „Зимски МакеДокс“, денеска во Младинскиот културен центар во Скопје ќе биде прикажан документарниот филм „Тата“ на Лина Вдови и Раду Чорнициу, проследено со дискусија со режисерите и со експерти на темата.
Од МакеДокс го опишуваат „Тата“ како приказна за траумата и наследството на насилството, но и за храброста да се прекине молкот и да се отвори пат кон исцелување.
-По години отуѓеност, Лина – молдавска новинарка – добива видеопорака од својот татко, мигрантски работник во Италија. На видеото се гледаат модринки на неговите раце. Со скриена камера, таа тргнува по правда – но и по многу подлабока, лична вистина. „Тата“ е интимен и суров документарен портрет на семејство заробено во генерациски образец на насилство, токсична машкост и тишина. Снимен во Италија, Молдавија и Романија, филмот ја следи ќерката која се обидува да го прекине циклусот – за себе, за следната генерација, па дури и за оној што ја повредил, стои во соопштението од МакеДокс.
Режијата, сценариото и камерата во филмот се на Лина Вдови и Раду Чорнициу, на монтажата работеле Ана Фабини, Андреј Горган, Ципријан Цимпои, Делија Онига, звукот е на Хуго Дијкстал, а музиката на Јерг Фолерт. Филмот е реализиран во продукција на „Манифест филм“ во копродукција со „Корсо филм“




