
Го намаливме ДДВ-то на горивата најмногу во целиот регион, а потоа интервениравме и со акцизата што позитивно влијаеше, имајќи предвид дека целокупната инфлација споредено март годинава, со март минатата година е само 0,7 проценти, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, најавувајќи дека во вторник на седница на Влада ќе се разгледуваат мерки за, како што рече „одредени шпекулативни однесувања кај прехранбените производи“.
-Слично беше и кај прехранбените производи и јајцата и затоа го задолживме Министерството за економија и труд заедно со државниот трудов и пазарен инспекторат да направат споредба на цени, квантитативно затоа што ова нема да заврши со Велигден и во вторник на редовната седница на Влада ние ќе го гледаме овој извештај и врз основа на тоа ќе преземеме мерки – изјави Николоски.
Мерките, според Николоски, можеби ќе треба да бидат покрај оние за олеснување и со рестриктивна политика, односно оние што ја злоупотребуваат ситуацијата да бидат казнети.
-Тоа е вториот дел. Доколку продолжи кризата, иако како што кажав работите се менувата. Доколку продолжи кризата секако ќе интервенираме и тука – изјави Николоски, посочувајќи дека иако „по примирјето се надевам дека ситуацијата ќе оди во една добра состојба и дека нема да се повтори овој конфликт на Блискиот Исток“.
Во однос на минатогодишната ситуација и „картелското здружување“ на повеќе маркети во државата, Николоски потсети дека тоа на крајот го потврдила и Комисијата за заштита од конкуренцијата, нагласувајќи дека „лани јасно беше дека се работи за шпекулативно однесување“.
-Оваа година веќе е внесена, односно е од надвор целата оваа криза, но повторно има шпекулативно однесување. Повторувам, конфликтот таму траеше нецели четири недели, а од ден за ден дека толку можат да се менуваат цените и дека никој нема залиха во магацините и дека од ден за ден ја купуваат робата и ја продаваат на граѓаните. Тоа е надвор од било каква економска логика и јасно е дека имаше шпекулативно однесување – изјави Николоски.
Николоски потсети дека мерките беа преземени во делот на цените кои се поврзани со берзата – бензинот и нафатата и дека имаме најевтини цени на бензините и дизел горивото во целиот регион.




