
Германскиот автомобилски гигант Бе-Ем-Ве ќе укине околу 8.000 работни места, главно во погоните во Германија, во рамки на планот за намалување на трошоците покренат поради намалената побарувачка во Кина и општото зголемување на оперативните трошоци.
Менаџментот на Бе-Ем-Ве и претставниците на синдикатите по неколкудневни преговори постигнаа договор за програма за доброволно заминување од работа. Процесот на намалување на бројот на вработени ќе започне во октомври 2026 година и ќе трае до крајот на 2027 година. Планот предвидува намалување на вкупниот број на вработени за 8.000.
Бе-Ем-Ве вработува 150.000 луѓе низ целиот свет, од кои 84.000 се во Германија. Понудата за доброволно заминување од работа со отпремнина ќе им биде достапна на приближно 40.000 вработени кои не се директно вклучени во производството.
Програмата е првенствено наменета за вработени во менаџментот, административните оддели и секторите за истражување, развој и планирање. Износот на отпремнината за работниците кои ќе ја прифатат понудата ќе се утврди врз основа на нивната плата и должина на работен стаж.
Уште во јуни, Бе-Ем-Ве ги намали своите прогнози за продажба и профит за 2026 година, наведувајќи го падот на побарувачката на кинескиот пазар како главна причина. Компанијата објави и други мерки за намалување на трошоците како одговор на американските царини, зголемените цени и притисокот од глобалната конкуренција.




