Управата за јавни приходи (УЈП) ја објави септемвриската листа на најголеми должници по основ на неплатен данок во државата, на чијшто врв се три скопски фирми. Овој месец, најмногу должи компанијата „Хант осој трејд“, регистрирана во Скопје – над 900 милиони денари или 14,87 милиони евра, соопшти УЈП
„Не поседува движен и недвижен имот. Има присилна наплата од парични средства. Утврдена е даночна гаранција, во тек се мерки за наплата од даночен гарант“, велат од УЈП за фирмата.
Сличен износ должи уште една скопска фирма, регистирана во Визбегово – „Окитна трејд“, а најголемите тројца должници, чиишто долгови се исклучиво за неплатен данок на додадена вредност (ДДВ), ги заокружува компанијата „Лисав“, исто така регистрирана во Скопје.
Оваа должничка листа се однесува на долговите што требало да се намират до 31 мај, а не биле регулирани ниту до 31 август. Се работи за обврски што произлегуваат од ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини, за кои вкупниот износ на долгот е повисок од 120.000 денари за физичките лица и самостојните вршители на дејност и повисок од 300.000 денари за компаниите и институциите.
Слободен печат

