Иран продолжува да поседува голем ракетен арсенал – кој, според проценките на американските разузнавачки служби, брои меѓу 1.500 и 2.500 ракети – и покрај претходните напади на САД и Израел врз иранските воени капацитети, објави денеска „Волстрит џурнал“ (WSJ), повикувајќи се на американски официјални лица.
Официјалните лица напоменаа дека оваа проценка е со низок степен на сигурност, поради тешкотиите во утврдувањето на точниот број на ирански ракети, вклучувајќи ги и оние што се подготвени за лансирање и оние што се наоѓаат во складишта.
Сепак, тие нагласија дека е јасно оти Иран сè уште располага со значителен ракетен арсенал.
Според весникот, Иран продолжил да ги надополнува своите залихи на ракети – иако со побавно темпо отколку пред војната – користејќи компоненти што претходно ги имал ставено во складишта.
Овие проценки се во спротивност со претходните изјави на претставници на американската администрација, вклучително и претседателот Доналд Трамп, кои тврдеа дека воените капацитети на Иран се уништени.
Прашањето за преостанатиот ракетен арсенал на Иран било една од темите за кои се дискутирало во рамките на администрацијата на Трамп, во контекст на можноста за изведување нови напади врз Иран во координација со Израел, пренесува весникот со седиште во Њујорк. Израелски воени претставници проценуваат дека Иран поседува повеќе од 1.500 балистички ракети, додека еден израелски функционер тврди дека Техеран веќе ги подготвува своите сили за евентуален нов конфликт.
„Тие ги обновуваат своите капацитети и повторно се вооружуваат“, изјавил функционерот за американскиот весник.
WSJ: Иран сè уште поседува арсенал од 1.500 до 2.500 ракети

