Над 2.500 глоби за неиздавање на фискални сметки и забрана за вршење на дејност на 113 даночни обврзници се изречени до крајот на ноември. Управата за јавни приходи констатирала дека секоја четврта контрола завршувала со некоја неправилност во делот на неиздавање на фискалните сметки.
Ова, велат од УЈП, укажува на неевидентирање на готовинскиот промет.
– Во поширок контекст, овој факт укажува и на користење на неевидентираниот промет за плаќања во готовина меѓу фирми и исплата на плати во плик, практики кои се спротивни на законот и претставуваат облици на сивата економија, создаваат нелојална конкуренција и предизвикуваат загуби за буџетот, велат од УЈП.
Кон поголем број од даночните обврзници кои беа казнети за неиздавање фискални сметки и неевидентиран промет, УЈП испратила персонализирани пораки со повик обврзниците да поднесат исправки на даночните пријави, да го пријават прометот и да го платат данокот.
– УЈП го следи постапувањето на овие даночни обврзници и најавува дека, доколку не постапат доброволно, ќе следуваат и дополнителни контроли со примена на индиректни методи за утврдување на прикриениот промет и неплатениот данок, велат оттаму.
До 20 ноември биле реализирани 3.500 советодавни посети на продавници и угостителски објекти, при што било откриени фискални апарати кои немаат налепници од овластен сервисер, кај некои се појавувале оштетени пломби, а кај одреден број обврзници било детектирано дека адресата на која е регистриран фискалниот апарат не соодветствува со реалната локација на работењето. Утврдено било и неуплаќање на дневниот промет во банка, како и неводење книга на дневни финансиски извештаи.
Засилени контроли се најавуваат и во пресрет на новогодишните празници.




