Легендарната хрватска дива Тереза Кесовија (87) се подготвува за својот, како што најви, последен концерт, кој ќе се одржи во Сплит – град кој што има посебно место во нејзиното срце и кариера.

Настанот, закажан за 3 мај 2026 година, ќе биде дел од програмата на традиционалната прослава Судамја, а поради огромниот интерес од публиката, концертот е преместен на поголема локација – „Стариот плац“.
Во пресрет на овој голем настан, хрватската телевизија Хајп ТВ објави видео во кое Кесовија се подготвува за концертот во домашна атмосфера, покажувајќи дека и по долга кариера, таа и понатаму со иста посветеност пристапува кон секој настап. Видеото предизвика големо внимание кај обожавателите, кои емотивно реагираа на нејзиното збогување со сцената.
Овој концерт ќе означи емотивен крај на повеќедецениската музичка кариера на уметницата, која самата изјавила дека не може да го замисли своето збогување без Сплит. Според организаторите, интересот е огромен, а градот се подготвува за вистински музички спектакл, прилагодувајќи го просторот за да прими што поголем број обожаватели.
Концертот во Сплит доаѓа како круна на нејзината проштална турнеја, која ги опфаќа и Дубровник, Загреб и Љубљана, по што Кесовија дефинитивно ќе се повлече од сцената.
Во текот на својата кариера, Кесовија настапувала на престижни светски сцени како Ројал Алберт Хол, Олимпија и Карнеги Хол, што ја вбројува меѓу ретките уметници од регионот со таков меѓународен успех.
Таа двапати учествувала и на Евровизија – во 1966 година за Монако и во 1972 година за Југославија, а нејзините песни како „Што остана од љубовта“ и „Ноно, мој добар Ноно“ остануваат безвременски хитови.
Со бројни награди, распродадени концерти и статус на музичка икона, Кесовија остави неизбришлив траг во регионалната и европската музика. Нејзиниот последен концерт во Сплит не е само крај на една кариера, туку и историски момент за музичката сцена на Балканот.




