Да се однесуваме кон работниците како кон вреден социјален капитал, ако сакаме да ги задржиме тука, или да ги вратиме дома. Да сфатиме дека само задоволни работници може да бидат вредни и продуктивни, порача претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова во честитката упатена по повод Меѓународниот ден на трудот.
– Не смееме да заборавиме дека синдикалното организирање, правото на протест и социјалниот дијалог се предуслови за рамнотежа меѓу економските интереси и социјалната правда. Како претседателка на сите граѓани, потсетувам дека имаме обврска да градиме општество во коешто трудот се цени и вреднува, а социјално-економските права се остваруваат!, посочува Сиљановска-Давкова.
Одбележувањето на Денот на трудот во над 160 држави е вистински момент за соочување со сè уште актуелните прашања, вели Сиљановска-Давкова.
– Дали ги почитуваме општо прифатените норми на меѓународното трудово право?; дали сме само уставно, или и во стварноста социјална држава?; дали социјалната правда е идеал или реалност?; дали работничкиот труд е соодветно вреднуван, односно дали работниците се правично наградени за работата и можат да напредуваат согласно знаењето и вложениот труд?; дали се безбедни и сигурни на работното место?; дали и зошто има случаи на присилна работа?; дали секому, под еднакви услови му е достапно секое работно место?; дали секој вработен има право на платен дневен и неделен и годишен одмор?; каков е односот на колективните партнери кон колективните договори и правото на штрајк?, прашува претседателката на државата.




