Левица бара разрешување на директорката на училиштето каде учат децата кои извршија врсничко насилство врз соученичка во Ѓорче Петров.
Од Левица велат дека ова не е политичко барање, туку институционален минимум и дека кога во една установа се повторуваат сериозни пропусти и нема реакција, тогаш раководството мора да сноси последици.
– Случајот не започнал и не може да започне во реонскиот парк во Ѓорче Петров (впрочем, парк кој е практично во дворот на полициската станица и каде што треба да има чувар), туку таму ја достигнал својата најтешка форма.
Во конкретното училиште изминативе години, под раководство на Насковска, постојани се натрупуваат проблеми. Советниците од Левица во континуитет укажуваа на алармантни состојби, многу мал дел познати и голем дел незнајни за јавноста. Наместо сериозна интервенција, следеа флоскули, формални одговори и повторливи изговори дека „се работи на случајот“. Во пракса ништо не се промени, а одговорноста никако не пристигнуваше, велат од Левица.
Посочуваат дека советничката група на Левица иницирала вонредна седница во форма на надзорна расправа, на која ќе бидат повикани сите релевантни чинители – директори, стручни служби и претставници од полициската станица и слично.




