Лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче денеска го повика премиерот Христијан Мицкоски заеднички да ги направат уставните измени и да ја споделат одговорноста со цел да се отвори патот на земјата кон Европската унија.
Филипче во Собранието рече дека доколку сега не се искористи моментот земјава може да го пропушти возот, а вратите на ЕУ да останат затворени со децении.
– Се наоѓаме во едно критично време и важен момент кога треба да се донесат важни одлуки. Доколку не се качиме на овој воз, можно е вратите со децении да бидат затворени. Го повикувам Христијан Мицкоски и Владата заеднички да ги направиме уставните измени и да ја споделиме одговорноста. Истовремено, имајќи ја предвид праксата од други земји кои работеле на планот на евроинтеграцијата, заеднички да ја споделиме одговорноста во текот на преговорите, иако сум сигурен дека нема опасност по јазикот, идентитетот, културата, рече Филипче.




