Американските и иранските преговарачи постигнаа рамковен договор за прекин на војната, кој предвидува и 60-дневно продолжување на прекинот на огнот, но сè уште чекаат конечно одобрение од американскиот претседател Доналд Трамп, објави денес „Аксиос“, повикувајќи се на неименуван претставник на американската влада.

Договорот предвидува отворање на пловидбата низ Ормутскиот теснец без такси или блокади, а Иран мора да ги отстрани сите мини во областа во рок од 30 дена. За возврат, се очекува САД да ја укинат блокадата на иранските пристаништа.
Договорот, наводно, вклучува обврска од страна на Иран да не се занимава со активности поврзани со нуклеарно оружје и отстранување на неколку стотици килограми збогатен ураниум од Иран како прва тема на преговорите за време на новото 60-дневно примирје. За возврат, САД се согласија да преговараат за ублажување на санкциите и ослободување на замрзнатите ирански средства.




