Како што рече Мицкоски, во тек е изградбата на три автопатски делници (Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани и Прилеп-Битола), а кон крајот на месецот треба да стане појасно како ќе се одвиваат активностите на делницата Требениште-Ќафасан.
Мегапроектот за изградба на автопатски делници долж европските коридори 8 и 10 во земјава започна во времето на минатата влада на СДСМ и ДУИ и поранешниот премиер Димитар Ковачевски, која, за да го избегне Законот за јавни набавки и да му ја додели работата на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, носеше специјален закон во Собранието. Ова тогаш жестоко го критикуваше тогашната опозиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, која обвинуваше за огромен криминал од тогашната власт и тогашниот вицепремиер Артан Груби, кому му беше доверено спроведувањето на проектот. Тогаш беше најавено дека автопатиштата ќе ги чинат граѓаните вкупно 1,4 милијарди евра, потсетува Слободен Печат.
– Доколку работите се одвиваат според планот, очекуваме првите 11,5 километри од делницата Прилеп-Битола да бидат пуштени во употреба во основно автопатско решение до септември 2027 година – рече Мицкоски, повторувајќи дека Владата за проектот со „Бехтел и Енка“ затекнала состојба во која биле исплатени речиси 350 милиони евра авансно, а две години практично немало значителен напредок на терен.
Потоа, додаде тој, направени се законски измени и обезбедена е поодржлива финансиска конструкција, која е затворена до крајот на годинава.
Тој очекува во наредниот период да се обезбеди целосно финансирање за преостанатите три години од реализацијата на проектот наместо секоја година повторно да се обезбедуваат средства. Тоа, според него, би значело дополнителни речиси 900 милиони евра за целосно завршување на проектот.
На најавите на Мицкоски реагираше Левица. Од партијата велат дека ова е врвно лицемерие на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, кои додека беа во опозиција го нарекуваа проектот „криминален“, а сега обезбедува нови пари и ново задолжување за истиот проект.
„Кога ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција, проектот со „Бехтел и Енка“ беше претставуван како симбол на криминал, нетранспарентност и штетно трошење на народните пари. Граѓаните слушаа ветувања дека договорот ќе биде репреговаран, дека ќе се утврди одговорност и дека ќе се стави крај на практиките кои ја чинат државата милијарди евра. Денес, реагираат од оваа партија, наместо репреговарање, гледаме нешто сосема спротивно. Истата власт која ветуваше пресврт, сега обезбедува нови средства и нови задолжувања за истиот проект. Ако договорот бил криминален тогаш, зошто денес се финансира? Ако бил штетен за државата, зошто не е изменет? Ако бил пример за лошо владеење, зошто сега се продолжува по истиот пат?, прашуваат од Левица.



