дома Македонија Ќе се најде ли решение за Изборниот законик, нов обид денеска во...

Ќе се најде ли решение за Изборниот законик, нов обид денеска во Собранието

Парламентарните партии денеска во нов обид да ги усогласат ставовите околу Изборниот законик. Забелешките главно се однесуваат на гласањето на дијаспората, една изборна единица и финансирањето на помалите партии.

Копјата засега се кршат околу гласањето на дијаспората. Опозициската СДСМ гледа можност за изборни манипулации, а од ВМРО-ДПМНЕ се согласуваат гласањето ако не е електронско, да биде преку пошта.

– Нема никаква причина за вакво брзање, освен намерата однапред да се отвори простор за изборни манипулации. Наместо аргументи, ВМРО бега од одговор на клучните прашања – зошто инсистира на електронско гласање без соодветни гаранции, зошто граѓаните во дијаспората ги става во ризик од сомнежи за злоупотреби и зошто воведува двојни аршини за гласањето, прашуваат од СДСМ.

Од Левица инсистираат на една изборна единица и укинување на платеното политичко рекламирање. Тврдат дека не се точни изјавите на премиерот Мицкоски дека нивните барања во целост биле прифатени.

– Напротив, нашите барања беа пред сѐ, една изборна единица и укинување на платеното политичко рекламирање и беа одбиени. Во текот на целиот процес за подготовка на Изборниот законик во Работната група, Левица беше конструктивна, целеше кон консензус и имплементирање на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, посочија од Левица.

Левица: Ако за нешто треба да се кршат копја тоа е една изборна единица, а не електронско гласање на дијаспората

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека ќе прифаќат се само да и се овозможи на дијаспората да гласа на следните парламентарни избори. Тој вчера изјави рече дека се помалку е оптимист дека ќе се најде решение за Изборниот законик. Вели дека СДСМ и Левица излегле со радикализирани позиции со цел да не се постигне договор.

– Дел од политичките партии излегоа со сосема радикализирани позиции. Едната беше да се гласа во рамки на Државната изборна комисија со консензус, нешто што за нас не е прифатливо. Тоа е позиција која некој ја поставува за да нема договор. Второ, политичката партија Левица излезе со барање за повеќе средства за кампањата, односно да има повеќе пари за рекламирање, како и да има една изборна единица, од СДСМ ги знаете барањата и така натаму. Нашиот став е јасен. Добро, нека има помалку за нас, а повеќе за нив. За тоа сме согласни. Согласни сме и да има една изборна единица. Подготвени сме да ги прифатиме сите барања на СДСМ и на коалициските партнери на СДСМ. Немаме никаков проблем, изјави вчера Мицкоски во Кавадарци.

Мицкоски се помалку оптимист дека ќе има договор за Изборниот законик, утре нова средба

Во петокот евроамбасадорот Михалес Рокас изјави дека законското решение е добро, но дека мора да се постигне консензус за него.

– ОДИХР и Европската Комисија дадоа позитивна оценка. Она што останува да се усогласи се модалитетите. Разбирам дека постојат несогласувања, но чувствувам дека постои добра волја тие да бидат надминати. Парламентарната комисија веќе работи и се надевам дека партиите ќе седнат и ќе постигнат консензус за ова чувствително прашање, рече Рокас за македонските медиуми.

 

ПредходнаСеверна Кореја испали 12 ракети од својот најнов разорувач
СледнаЕтна го наруши распоредот на аеродромот на островот Сицилија