
Функцијата не била и никогаш нема да биде цел сама по себе, таа е средство преку кое му се служи на народот – порача премиерот Христијан Мицкоски денеска на 112. седница на Собранието, на која треба да бидат разрешени и избрани членови на Владата.
Осврнувајќи се на предлогот за разрешување дел од министрите, рече дека сите до еден се луѓе со чест и достоинство и, пред сè, чесни. Денес, нагласи, не се збогуваме со луѓе што не работеле, туку, напротив, со луѓе што во разни ресори дадоа свој придонес за реализација на програмата за која граѓаните дадоа доверба.
– Од првиот ден, кога ја презедовме одговорноста, реков дека оваа Влада нема да биде Влада на комфор, туку Влада на резултати. Нема да биде Влада во која функциите ќе се сметаат за стекнато право, туку за обврска што секој ден повторно мора да се заслужува. Тоа не беше политички слоган, тоа беше принцип. Денес, покажуваме дека тој принцип важи еднакво за сите – рече Мицкоски.
Според него, на реконструкцијата на Владата не треба да се гледа како на крај на нечија работа.

Обраќајќи ѝ се на опозицијата, рече дека Владата што ја предводи наследила разнишани институции, нарушени јавни финансии, закочени капитални проекти, изгубена доверба кај граѓаните и чувство дека државата повеќе нема сила да ги штити сопствените интереси.
– Имате поранешни министри, кои се дел од вашата пратеничка група, а обременети со скандали и сомневања за сторен криминал додека имале ја честа да ја извршуваат функцијата што ја извршувале. Во ваше време премногу често националните интереси беа ставани во втор план. Донесувавте одлуки за кои многумина од граѓаните сметаа дека се спротивни на националното достоинство и идентитет. Наместо да ја обединувате државата, оставивте длабоки политички и општествени поделби. Промената на уставното име на државата останува еден од најконтроверзните политички одлуки во поновата историја. Ние не сме овде за да го менуваме минатото. Ние сме овде да не дозволиме тоа да ни се повтори никогаш повеќе – рече Мицкоски.
– Ова не е избор само помеѓу две политички партии. Ова е избор помеѓу две визии за Македонија. Едната визија ја видовме, визија во која државата беше ослабена, институциите заробени од партиски интереси, а довербата на граѓаните потрошена. Визија во која премногу често личниот интерес беше над државниот, а националните прашања оставаа длабоки поделби, што и денес ги чувствуваме.
Другата визија е онаа што ја градиме денес. Држава во која институциите му служат на народот, во која чесниот труд се вреднува повеќе од привилегијата, во која законот важи еднакво за сите и во која успехот се мери според резултатите, а не според политичките врски.
Собранието треба да го разреши Игор Филков, министер за правда (ЗНАМ), а на негово место да го избере Јетон Шасивари („Вреди“). Иван Стоилковиќ (коалиција ВМРО-ДПМНЕ) ќе биде разрешен од Министерството за односи меѓу заедниците, но треба да ја преземе министерската функција во Локалната самоуправа. Златко Перински, актуелниот министер за локална самоупрва, ќе биде разрешен и ќе ја преземе директорската функција во Фондот за здравствено осигурување, каде што на чело е Сашо Клековски (ВМРО-ДПМНЕ), кој се очекува да биде избран од Собранието за нов министер за здравство на местото на Азир Алиу. За министер за односи меѓу заедниците е предложен Агон Ферати („Вреди“). Цветан Трипуновски ќе биде разреше од функцијата министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, а на негово место ќе дојде Борче Серафимовски (ЗНАМ). Фатмир Лимани треба да биде разрешен од министерската позиција во Социјална политика, демографија и млади, а таа позиција да ја преземе Ѓоко Велковски (ВМРО-ДПМНЕ). Зоран Љутков ќе биде разрешен од министерската позиција во Култура и туризам, а на негово место е предложен Седат Сулејмани („Вреди“). На местото на Шабан Салиу, министер без ресор, е предложен Ерџан Демир (ВМРО-ДПМНЕ).
Согласно Деловникот за работа на Собранието, по предлогот за разрешување член на Владата, се отвора претрес, кој трае најмногу два дена. Членот на Владата за кого е поднесен предлог за разрешување може да се изјасни по предлогот во траење од 15 минути. Новите министри се избираат со мнозинство од вкупниот број пратеници.




