На денешната прес-конференција, портпаролката Кети Штерјова денеска обвини дека најавата на премиерот Христијан Мицкоски за отворање бесплатна телефонска линија за пријавување корупција е директно преземена од актуелната кампања што се спроведува во Србија.

Штерјова изјави дека станува збор за „copy-paste“ потег, кој, според неа, доаѓа само неколку дена по сличната иницијатива во Србија.
„Сè е copy-paste, само со неколку дена задоцнување“, рече Штерјова, додавајќи дека СДСМ претходно предупредувала дека Владата ќе продолжи да ги презема потезите на српските власти.
Таа посочи дека во Србија, според неа, голем број граѓани преку платформата за пријавување корупција го пријавиле претседателот Александар Вучиќ, а во Македонија, како што рече, „линијата за пријавување веќе постои“ преку веб-страницата Micko.mk.
Штерјова ја обвини Владата и за, како што рече, влијание врз Обвинителството, повикувајќи се на забелешките во извештаите на Европската комисија за состојбата во правосудството, во кои се нотираат недостаток на реформи, мешање во судството и обвинителството, широко распространета корупција и проблеми во јавните набавки.
Во обраќањето, таа се осврна и на медиумската состојба, тврдејќи дека во Македонија се зголемува влијанието на медиуми поврзани со Србија и Унгарија, при што оцени дека тоа води кон поголема концентрација на медиумската моќ.
„Мицкоски, ова веќе е премногу. Копирањето на Вучиќ станува смешно“, порача Штерјова.




