
Пожарникарите на Крит продолжија да се борат со големиот шумски пожар што го зафати овој грчки остров синоќа. Ситуацијата е дополнително комплицирана од веста за смртта на тројца пожарникари во пожари низ целата земја.
Како што јави Анадолу, двајца пожарникари ги загубија животите на Крит, а еден на Пелопонез. Двајцата пожарникари од Крит биле пронајдени мртви во нивното возило во близина на градот Неа Крија Вриси во регионот Ретимно. Според достапните информации, тие биле заробени во пламенот. Едниот од нив бил сезонски пожарникар, додека другиот работел во противпожарната станица Агиа Фотини пет години.
Противпожарната бригада ја потврди и смртта на трет пожарникар. Тој бил пронајден во несвест надвор од пожарната зона во Агеранос на Пелопонез и однесен во најблиската болница, каде што починал кратко потоа.
Властите соопштија дека 51 лице се евакуирани од јужниот брег на Крит откако се обиделе да избегаат упатувајќи се кон морето. Евакуација беше отежната поради силниот ветер.
Пожарникарите се борат и со пожар на островот Парос во архипелагот Киклади, кој гори веќе неколку дена. Службата за цивилна заштита издаде ново предупредување за приближување на огнот кон неколку села.




