
Високите температури што ова лето ја зафатија Европа предизвикаа над 16.000 дополнителни смртни случаи, инфромира Комитетот за здравствена безбедност на Европската Унија, апелирајќи на фундаментална промена во начинот на кој владите се подготвуваат за топлотни бранови – почнувајќи од начинот на реагирање на вонредни состојби, па до систематско долгорочно планирање.
Со оглед на тоа што се очекува климатските промени да ги направат топлотните бранови почести и поинтензивни, Комитетот, кој ја координира подготвеноста и одговорите на сериозни прекугранични здравствени закани, објави препораки насочени кон зајакнување на отпорноста на Европа.
Пораката е јасна: Европа – континентот што се затоплува најбрзо во светот – не е соодветно подготвен за тоа. Според мислењето на Комитетот, системите за јавно здравје во многу земји од ЕУ остануваат „недоволно подготвени“ да се справат со продолжени периоди на екстремна топлина. Комитетот смета дека справувањето со растечката закана бара меѓусекторски и сопфатен владин и општествен пристап, комбинирајќи краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки.
Влијанијата врз здравјето се протегаат многу подалеку од топлотниот удар. Продолжените периоди на високи температури ја зголемуваат смртноста, ги влошуваат постојните медицински состојби и претставуваат дополнителен товар врз здравствените системи. Тие, исто така, влијаат врз здравјето на растенијата и животните, со последователни ефекти врз егзистенцијата и менталната благосос тојба.

Екстремната топлина, исто така, го зголемува ризикот од пожари, носејќи дополнителни последици за јавното здравје преку влошување на квалитетот на воздухот, оштетување на критичната инфраструктура и деградација на животната средина.
Постарите лица, децата, бремените жени, лицата со хронични заболувања, работниците на отворено и другите ранливи групи се меѓу оние кои се најмногу изложени на ризик.
Комитетот ги повикува земјите членки на ЕУ да ја зајакнат координацијата меѓу владините оддели и јавните органи, да обезбедат редовно ажурирање и заеднички развој на Акционите планови за топлина-здравје од страна на агенциите за јавно здравје и цивилна заштита и да го подобрат споделувањето информации преку Системот за рано предупредување и одговор на ЕУ. Исто така, повикува на мерки засновани на докази за подобра заштита на децата, работниците изложени на високи температури и луѓето што присуствуваат на големи јавни настани.
Комитетот ја истакнува и потребата од подобро опремување на здравствените работници преку наменска обука за препознавање и управување со болести поврзани со топлина, а воедно да се подобри јавната комуникација со повеќејазични совети насочени кон туристите и сезонските, прекуграничните и транспортните работници. Во исто време, се повикува на напори за затворање на постојаните празнини во податоците и градење посилна база на докази за влијанието на топлотните бранови врз здравјето преку Европската опсерваторија за клима и здравје.
Препораките доаѓаат во време кога Европската комисија подготвува Европска интегрирана рамка за климатска отпорност, која треба да биде доставена пред крајот на 2026 година, а се очекува да ја зајакне подготвеноста на блокот за ризици поврзани со климата, вклучително и екстремна топлина.




