Кога станува збор за улична храна, гурманите обично помислуваат на Виетнам, Мексико и Италија, каде што врвни закуски може да се најдат буквално на секој чекор.

Сепак, според студијата на Radical Storage, со која се анализирани 6.897 продавачи на улична храна во 100-те најпосетувани градови низ светот, на првото место се најде Париз.
За потребите на анализата, истражувачите ги зеле предвид бројот на продавачи со оценка од повеќе од четири ѕвездички, разновидноста на кујните што ги нудат, достапноста на вегетаријански, вегански и безглутенски опции, уделот на прифатливи оброци, како и густината на продажните места на квадратен километар.
Со анализата се опфатени киосци и комибиња за храна, но и ресторани што служат класични специјалитети што се сметаат за улична храна.
Најголемо влијание врз конечниот резултат имал бројот на продавници на квадратен километар, кои содржат 30 проценти од вкупниот резултат, додека уделот на прифатливи оброци придонесе со 20 проценти. Бројот на продавачи со повеќе од четири ѕвездички, просечната оценка, разновидноста на кујните, достапноста на вегетаријански и вегански опции и понудата на храна без глутен беа оценети по 10 проценти.
Француската престолнина постигна вкупен резултат од 7,2 од можни 10. Од 401 објекти вклучени во студијата, 69,1 процент имаат оценка од најмалку четири ѕвездички. Париз, исто така, има 3,82 продавачи на улична храна на квадратен километар.
Две грчки дестинации се најдоа на второ и трето место: Атина и Солун. Атина доби оценка од 6,9 благодарение на широкиот избор на кујни, дури 29 различни, како и густината од 4,21 продавници на квадратен километар.
Солун доби 6,1, при што 77,1 процент од неговата понуда на улична храна е класифицирана како прифатлива опција.
Островот Родос се најде на првото место за најдобро оценета улична храна, со 82 проценти од продавачите кои имале најмалку четири ѕвездички.
Лондон, од друга страна, беше прогласен за град со најразновидна понуда, при што посетителите можеа да избираат од 39 различни кујни.
Десет најдобри градови во светот за улична храна
- Париз, Франција
- Атина, Грција
- Солун, Грција
- Барселона, Шпанија
- Лондон, Велика Британија
- Родос, Грција
- Рим, Италија
- Ханој, Виетнам
- Будимпешта, Унгарија
- Амстердам, Холандија




