
Поранешни високи функционери од Велика Британија, Франција и Германија во јули во Виена тајно се сретнале со неименуван поранешен функционер на Кремљ за да разговараат за можни услови за мировни преговори за Украина, објави „Блумберг“, повикувајќи се на „извори запознаени со преговорите“.
Според овие извори, на состанокот учествувале поранешниот британски советник за национална безбедност Тим Бароу, поранешниот германски државен секретар и амбасадор на ЕУ во Русија, Маркус Едерер и францускиот и европски дипломат Пјер Вимон.
Изворите на „Блумберг“ не го откриле идентитетот на поранешниот функционер на Кремљ кој учествувал во разговорите.
Неформални дипломатски канали
Ваквите состаноци не се официјални преговори и не ги обврзуваат владите на земјите од кои доаѓаат учесниците. Тие им овозможуваат на поранешните функционери и експерти да разгледаат можни решенија за конфликтот без формален мандат, по што можат да ги пренесат своите проценки на сегашните власти.
Според еден извор на „Блумберг“, разговорите биле иницирани од Центарот за хуманитарен дијалог, организација со седиште во Швајцарија, која се занимава со доверливо медијација во вооружени конфликти.
Центарот наведува дека работи во Украина од 2014 година и дека по почетокот на руската тотална инвазија во 2022 година, учествувал во воспоставувањето канали за евакуација на цивили.
Сличен состанок се одржа и во Баку
Виена беше барем една од двете локации каде што поранешни европски и руски претставници се состанаа зад затворени врати во последните месец, наведува „Блумберг“.
Одделни разговори меѓу поранешни германски и руски претставници се одржаа во Баку кон средината на јули. Азербејџанскиот претиседател Илхам Алиев подоцна потврди дека состанокот се одржал, но рече дека властите на неговата земја не биле однапред известени.
Украинското Министерство за надворешни работи изјави по состанокот во Баку дека ваквите разговори немаат официјален мандат од Киев и не се дел од формалниот мировен процес.
Кремљ сè уште јавно не ги коментираше извештаите од состанокот во Виена. Европските сојузници на Украина јавно инсистираат дека никаков мировен договор не може да се склучи без целосно учество на Киев и дека европската безбедност не може да се преговара без европските држави.




