дома Свет Москва презема мерки против Русите кои бегаат од регрутација

Москва презема мерки против Русите кои бегаат од регрутација

Рускиот претседател Владимир Путин потпиша закон со кој се воведуваат привремени рестриктивни мерки против државјаните на Русија кои живеат во странство, а кои се осудени во отсуство и за кои се смета дека „избегнуваат извршување на нивните казни“.

„Законот за привремени рестриктивни мерки против лица надвор од Руската Федерација кои избегнуваат извршување на нивните казни“ се однесува на сите лица што престојуваат надвор од Русија, а кои се осудени според кој било член од Кривичниот законик, како и на оние против кои се донесени конечни административни решенија врз основа на политички чувствителни одредби, како „дискредитирање“ на вооружените сили, кршење на правилата за статус на „странски агент“, учество во „непожелни организации“, повикување на санкции против Русија или оспорување на нејзиниот територијален интегритет.

Многу од овие одредби редовно ги користат властите против антивоени активисти, независни новинари и опозициски личности кои ја напуштија земјата по почетокот на инвазијата на Украина во февруари 2022 година.

Министерството за правда ќе води посебен регистар на овие лица, а јавниот обвинител или неговиот заменик ќе имаат право да додаваат имиња на списокот.

Откако ќе биде регистрирано, лицето се соочува со мерки како што се замрзнување на банкарски сметки во Русија и блокирање на апликации за електронско банкарство и трансфери на пари; забрана за продажба или пренос на имот и возила, дури и преку полномошно; забрана за користење на порталот за државни услуги и електронски потписи; и одбивање на повеќето конзуларни услуги во странство, вклучително и издавање или обновување на меѓународни пасоши.

Мерките вклучуваат и неможност за регистрација како претприемач или самовработен работник, земање кредит, добивање државни бенефиции или овластување на други да дејствуваат во нивно име.

Правните експерти од организацијата за човекови права „Прв оддел“ проценија дека кумулативниот ефект од овие мерки претставува „ефективно лишување од државјанство“: државата ја задржува можноста да гони лице и да бара од него да се придржува до законот, а во исто време го лишува од практичните права што инаку се поврзани со руското државјанство.

Стотици илјади Руси ја напуштија земјата од 24 февруари 2022 година. Проценките се дека во странство се уште се наоѓаат од 650.000, па до повеќе од еден милион од нив.

Најголемиот единечен бран на заминувања, според некои проценки помеѓу 300.000 и 400.000 лица, се случи во неделите по 21 септември 2022 година, кога беше прогласена делумна мобилизација на работоспособните мажи, па дел од нив побегаа во странство за да избегнат регрутација.

Многу други, вклучувајќи ИТ експерти, претприемачи и стручни лица, заминаа порано или подоцна во зависност од политички, економски и деловни причини, обидувајќи се да ја продолжат работата и развојот на компаниите надвор од Русија и да ги зибегнат ограничувањата воведени поради воената ситуација.

Новите мерки доаѓаат во време кога Русија се соочува со постојан недостиг на персонал на фронтот. Руски извори и украински претставници велат дека во Кремљ се воделе дискусии за можен нов бран мобилизација по изборите за Државната дума во септември 2026 година, можеби уште во октомври, што би можело да вклучи од 100.000, па дури до 500.000 мажи.

Иако конечна одлука сè уште не е донесена, а Кремљ продолжува да напоменува дека станува збор за „доброволно“ регрутирање преку договори, времето на донесување на законот за правата на граѓаните укажува на решеноста на Москва да ја заостри контролата врз дијаспората, која ја напушти земјата токму за да избегне вакви регрутации.

ПредходнаНетанјаху го отфрли планот на Комитетот на Трамп за Газа: Не се согласуваме
СледнаЗошто некои луѓе се попривлечни за комарците