дома Бизнис Војната во Украина го претвори „Сааб“ во европски гигант

Војната во Украина го претвори „Сааб“ во европски гигант

Три подморници за Полска во вредност од четири милијарди евра, 16 авиони Грипен за Украина за вкупно 2,5 милијарди евра и два авиони „ГлобалЕј“ за клиент на Блискиот Исток за една милијарда евра. Ова се профитабилните договори што шведскиот производител на оружје и воена опрема „Сааб“ ги потпиша само во претходниот месец.

Три договори потпишани за само 29 дена покажуваат колку „Сааб“ се промени во изминатите неколку години. Шведскиот производител на авиони, ракети, радари, подморници и други воени системи доживува бум во бизнисот и стана еден од највидливите победници на забрзаното европско вооружување по руската инвазија на Украина.

Приходите се удвоија, акциите се зголемија десеткратно

„Сааб“ генерираше 39,2 милијарди круни (3,5 милијарди евра) приходи во 2021 година и 79,1 милијарди круни (7,2 милијарди евра) во 2025 година, што е зголемување од приближно 102 проценти. Во истиот период бројот на вработени се зголеми од 18.000 на повеќе од 28.000. Компанијата доби нарачки во вредност од дури 15,3 милијарди евра во 2025 година. До крајот на јуни 2026 година, книгата на нарачки порасна на приближно 29 милијарди евра.

Вредноста на компанијата на берзата порасна уште подраматично. Од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, па до крајот на 2024 година, вредноста на акциите на „Сааб“, се зголеми приближно десеткратно. „Сааб“ сега е најголемиот индустриски концерн во одбранбената индустрија во нордиските земји.

Растот на „Сааб“ е дел од многу поширок глобален тренд. Според податоците од Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ), приходите на стоте најголеми производители на оружје во светот во 2024 година достигнаа рекордни 679 милијарди долари, што е за 5,9 проценти повеќе од претходната година. Главните причини за растот беа војните, растечките безбедносни тензии и зголемените воени буџети. „Сааб“ не го крие фактот дека руската инвазија целосно го промени пазарот на одбранбена опрема.

„Имаше јасна промена. Пред војната во Украина, набавката на одбранбена опрема во многу земји се карактеризираше со ограничени буџети и долги рокови на испорака. Денес, гледаме зголемување на трошоците за одбрана и акцент на побрзи испораки. Постои посебен интерес за копнени борбени системи, радарски и сензорски системи, камуфлажни системи и нашите борбени авиони „Грипен“ и системи „ГлобалЕј“, порачуваат од „Сааб“.

Компанија родена во пресрет на Втората светска војна

„Сааб“ е основана во период обележан со закани од војна и забрзано вооружување. Компанијата „Свенска Аероплан АБ“ е основана на 2 април 1937 година, со цел Шведска да има сопствена индустрија за борбени авиони и да ја намали зависноста од увоз. Тогашниот премиер Пер Албин Хансон предупредил во 1936 година дека земјата мора сама да може да произведува оружје, особено воени авиони.

По Втората светска војна, поради очекуваниот пад на воените нарачки, „Сааб“ се сврте и кон цивилни производи со цел да ги задржи инженерите и да го искористи производствениот капацитет. Почна да произведува цивилни авиони, автомобили и други производи, но воената авијација и одбранбената технологија останаа јадро на групацијата.

Автомобилскиот сегмент беше одвоен во 1990 година во посебна компанија, „Сааб Автомобили“. Потоа американскиот „Џенерал Моторс“ презеде повеќе од половина од сопственоста, а во 2000 година и преостанатите 50 проценти. Автомобилската компанија подоцна ги смени сопствениците и заврши во банкрот во 2011 година.

„Сааб“ не беше создаден само со развивање на сопствена програма за авиони. Компанијата постепено ги презеде и другите делови од шведската одбранбена индустрија: поранешниот бизнис за ракетно и копнено оружје „Бофорс“, потоа „Ериксон Микровејв Системс“, кој значително го зајакна производството на радари и сензори, а во 2014 година го презеде бродоградилиштето „Кокмус“, познато по развојот и изградбата на подморници.

Руската инвазија на Украина во февруари 2022 година поттикна ренесанса за шведската компанија, но „Сааб“ тврди дека ја забележале промената во европската безбедносна политика уште по руската анексија на Крим во 2014 година.

„Зголемувањето на европските трошоци за одбрана имаше големо влијание врз „Сааб“, како и врз целата одбранбена индустрија. Затоа решивме да реагираме и да инвестираме во зголемување на капацитетите. Тоа беше стратешка одлука што подразбираше одреден ризик, но ни овозможи да бидеме добро подготвени кога побарувачката одеднаш се зголеми“, велат од „Сааб“.

Производство на „Грипен“ во Шведска и Бразил

Компанијата со децении развива свои борбени авиони, од „Дракен“ и „Виген“до „Грипен“. Прототипот на „Грипрн“ полета во 1988 година, а оттогаш се произведени приближно 300 авиони од различни верзии. Новата генерација „Грипен Е“ се произведува во Шведска и Бразил.

Од неодамна, хит производ на „Сааб“е „ГлобалЕј“, летачки радар и команден центар за рано предупредување, надзор и контрола на воени операции. Системот е инсталиран во канадскиот бизнис авион „Бомбардие Глобал 6000“ или поновиот „Глобал 6500“, кој „Сааб“ го опремува со радари, сензори, комуникациска опрема и конзоли за оператори. „ГлобалЕј“ може да помине повеќе од 12 часа во воздух, а радарот има дострел од повеќе од 650 километри. Системот може истовремено да следи авиони, ракети, бродови и копнени цели.

На самитот на НАТО во Анкара на 7 јули беше објавено дека до десет „ГлобакЕј“ ќе бидат заеднички набавени за да се замени дел од застарената флота на авиони „Боинг Е-3A АВАКС

Продажбата значително се зголеми во последните две години. Досега се нарачани 12 авиони, од кои пет се испорачани во Обединетите Арапски Емирати, кои во моментов се единствената земја со оперативна флота на „ГлобалЕј“. Во зависност од опремата, цената на еден авион е околу 500 милиони евра.

Седиштето на компанијата е во Стокхолм, но најголемата фабрика на „Сааб“ е во Линкопинг, каде е центарот за развој и производство на „Грипен“ и други авионски системи. Ракетите и копненото оружје првенствено се произведуваат во Карлскога, подморниците во Карлскрона, а радарите и бројните сензорски системи во областа Гетеборг. „Сааб“ има производствени, развојни и сервисни капацитети во голем број земји, вклучувајќи ги Велика Британија, Финска, САД и Австралија.

ПредходнаЗошто некои луѓе се попривлечни за комарците
СледнаПриведен возачот кој возеше во спротивна насока на автопатот Скопје-Велес