Градоначалничката на Кисела Вода Бети Стаменковска-Трајкоска на чија територија се случи несреќата во која еден градежен работник загина, а тројца се повредени, апелира на воздржаност од изнесување непроверени информации и политизација на случајот.
– Ваквите ситуации бараат сериозен и институционален пристап, а не дневно политички реакции. Општината е отворена за дискусија во рамки на институциите, но одлуките мора да се темелат на факти и стручни анализи, а не на претпоставки. Ќе продолжиме транспарентно да ја информираме јавноста за сите релевантни информации веднаш штом тие бидат официјално потврдени, вели Стаменкоска-Трајкоска.
Градоначалничката изразува сочувство до семејството на починатиот и посакува побрзо закрепнување на повредените.
– Во врска со трагичниот настан што се случи на територија на Општина Кисела Вода, изразуваме длабоко жалење за загубата на човечки живот и сочувство до семејството на починатиот. Безбедноста на граѓаните и работниците е апсолутен приоритет и не смее да биде предмет на политички поени, вели Стаменковска-Трајкоска.




