Поранешниот американски амбасадор во Македонија, Албанија и во Србија, Кристофер Хил, денеска зборуваше на панел-дискусија на самитот „Македонија2026“ кој се одржува во Скопје, оценувајќи дека е многу важно лидерите на балканските држави да соработуваат.

Хил изнесе и интересно видување за односот меѓу Европа и Балканот.
„Европа го сака Балканот, но не ги сака проблемите на Балканот, рече Хил посочувајќи дека атрактивен предлог е заедно да работат Албанци, Срби, Македонци… и дека „тоа би било голем пазар“.
Осврнувајќи се на своето богато искуство во кризни ситуации и сложени меѓународни преговори, американскиот дипломат нагласи дека лидерите „мора да умеат да ги контролираат емоциите, да носат одлуки под притисок и да имаат јасен ментален компас“.
Покрај амбасадорската должност во Македонија, Србија и Албанија, 73-годишниот Хил во долгата кариера беше и американски дипломатски претставник во Јужна Кореја, Ирак и Полска. Во 2005 година, Хил беше назначен од тогашниот претседател Џорџ В. Буш за шеф на американската делегација на преговорите за решавање на нуклеарната криза со Северна Кореја.




