„Наместо јасно и недвосмислено да ја потврди европската обврска и да каже дека внесувањето на малцинствата во Уставот е патот за заштита на македонскиот идентитет и јазик, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Словенија продолжува со празна реторика со која само ја слабее позицијата на Македонија. Прво ќе беше посоодветно да каже, исто како што кажа и за Преспанскиот договор, дека преговарачката рамка за влез во ЕУ – од која е дел и францускиот предлог – дури повеќе од Преспанскиот договор го осигурува македонскиот идентитет како посебен народ и македонскиот јазик како негова клучна одредница.
Тоа се постигнува токму со внесување на бугарското малцинство во Уставот на Македонија“ соопштија вечерва од СДСМ.
Велат „Сиљановска во Словенија раскажува како македонскиот Устав предвидува права на малцинствата „општо“, за разлика од уставите на други земји. Но, тоа е празна реторика. Уставот и правниот систем ефективно ги препознаваат и реализираат правата само на оние малцинства кои се наведени во неговата Преамбула. На пример, соодветната застапеност или употребата на јазикот (како колективни права) не се применуваат за Кинези, Естонци или други, туку само за малцинствата наведени во Преамбулата. Разочарувачки слабо толкување на правата на малцинствата и на македонскиот Устав од страна на професорката по уставно право“.




