дома Македонија Молк во Кабинетот на претседателката за наводната афера со шпионажа, Мицкоски вели...

Молк во Кабинетот на претседателката за наводната афера со шпионажа, Мицкоски вели тоа се шпионски талог и глодари од минатото

Откако во јавноста излегоа информации за наводна шионска афера во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, засега оттаму молк. Денеска изјава на оваа тема даде премиерот Христијан Мицкоски кој рече дека структури од минатото кои се наоѓале во кабинетите како глодари се претставувале како група вработени и испраќале анонимни дописи до обвинителства.

Мицкоски го нападна и шефот на Обвинителството за организиран криминал и корупција Ислам Абази велејќи дека создава паника во јавноста.

– Тоа се шпионски талог на општеството, структури од минатото коишто се наоѓале во кабинетите како глодари на некои поранешни политичари, претседатели премиер итн. и тие се претставуваат како група вработени и испраќаат анонимни дописи до обвинителства. Се разбира таму е Ислам Абази веднаш да истрча и да создаде паника во јавноста дека нешто се случувало. Јас не би коментирал овие глодари затоа што мислам дека треба да ги заборавиме, рече Мицкоски.

Обвинителката Катерина Коларевиќ, која е надлежна за овој случај, а деновиве е во центарот на вниманието поради стопирањето на постапката за набавката на мазут, ги барала снимките за случајот со шпионажата.

– На почетокот на 2026 година, по добиено известување дека Кабинетот на претседателката не располага со копии од видео-надзорот, бидејќи опремата е набавена преку СОЗР, а надлежноста за ракување и чување на записите е кај МВР, предметниот јавен обвинител се обрати и до СОЗР и до МВР за нивно итно обезбедување. Од СОЗР беше добиено известување дека институцијата не располага со видео-записи, туку дека нивната надлежност се однесува исклучиво на набавка на опремата, додека чувањето и располагањето со копиите од записите е во надлежност на МВР. И покрај тоа, од страна на МВР до денес не се доставени повратни информации, ниту известување за преземени дејствија во врска со обезбедувањето на копиите од видео-надзорот, информираа од Обвинителството.

Од МВР велат дека анализата на сите електронски докази кои се екстрахирани од одземенета опрема е во завршна фаза и дека во наредниот период целокупниот доказен материјал ќе биде доставен до ОЈО ГОКК.

 

ПредходнаСудење за пожарот во дискотеката „Пулс“: Повикана Брза помош за еден од обвинетите
СледнаМицкоски: Не поддржувам надворешно мешање во внатрешните политики на Македонија