Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски не е неоправдано отсустен, тврдат од Општината. Оттаму за „Слободен печат“ изјавиле дека Лукровски во моментот користи боледување и дека тоа е во согласност со Законот за работни односи.
– Не се вистинити тврдењата дека градоначалникот Сотир Лукровски неоправдано отсуствува од работа. Имено, градоначалникот на Општина Карпош во моментов користи боледување и сето тоа е во согласност со Законот за работни односи. Во оваа пригода би сакале да напоменеме дека неговите обврски ги презема заменик – градоначалникот Неделчо Крстевски, при што ве уверуваме дека функционирањето на локалната самоуправа се одвива непречено и со предвидената работна динамика, велат од Општина Карпош за „Слободен печат“.

Поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски викендов на прес-конференција го повика Трудовиот инспекторат да го провери боледувањето на градоналникот Лукровски кое, според негови информации, завршило на 30 мај, а оттогаш Лукровски не се појавил на работа.
Премиерот Христијан Мицкоски во последната изјава дадена на оваа тема рече дека здравствената состојба на градоначалникот е таква што бара мирување.
– Јас како што знам, Сотир Лукровски е градоначалник на Карпош. Здравствената состојба е таква каква што е и бара мирување, се надевам дека сè ќе биде во ред и ќе се врати на редовно извршување на работите, изјави Мицкоски.
Директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски одговарајќи на новинарско прашање на оваа тема неодамна изјави дека боледувањето на Лукровски треба да го провери неговиот работодавач, односно самиот Лукровски.




