Во Софија утре треба да се реализира средбата меѓу претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и нејзината бугарска колешка Илијана Јотова.
Средбата ја потврди самата Сиљановска-Давкова во интервју за „360 степени“.
Сиљановска-Давкова очекува на средбата да се разговара за сите отворени и суштински прашања.

– Тоа е природно продолжение на нашата средба во Ереван – едно пријатно женско говорење. Мислам дека треба да го продолжиме тоа и затоа во текот на разговорот со вас ја споменав неопходноста од мерки за градење доверба. Ако граѓаните не контактираат, ако во проекти заеднички не учествуваме… морам да кажам, кога првпат го сретнав господинот Радев во Софија и се случи оној инцидент со знамињата, се заборави, но сите кои бевме присутни на работниот ручек каде што тој говореше за потребата од соработка во многу области во кои заедно би постигнале подобро, полесно, многу многу успеси. И јас мислам дека тоа е единствениот начин за да можеме ние bona fide да се однесуваме. Да не се навредуваме, да не се повредуваме, да се обидеме да ги мериме зборовите, рече Сиљановска-Давкова.
Сиљановска-Давкова во Софија оди со шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски со кого ќе учествува на Самитот на Процесот за соработка на Југоисточна Европа.
Средбата и посетата ги најави Муцунски минатата недела кога во изјава за медиумите меѓу другото рече дека потребни се средби на високо ниво. Според него, дијалогот со Бугарија е неопходен, но ставот за уставни измени останува ист.




