дома Свет На полска територија падна руска крстосувачка ракета, тврди Варшава

На полска територија падна руска крстосувачка ракета, тврди Варшава

Проектилот што вчера падна на територијата на Полска во близина на границата со Украина е руска крстосувачка ракета, соопшти полскиот заменик-министер за одбрана Цезари Томчик.

„Разговарав со шефот на воените операции, генерал Иренеуш Новак и можеме со целосна сигурност да потврдиме дека станува збор за руска ракета Kх-101“, изјави Томчик за радиото РМФ.ФМ.

Тој додаде дека ракетата е потенцијално многу опасна и може да носи и нуклеарни боеви глави. Томчик објасни дека таа експлодирала при ударот, по што властите пронашле кратер и расфрлани остатоци на поле во близина на границата со Украина.

Полското Министерство за внатрешни работи претходно соопшти дека проектилот паднал на земјоделско земјиште на околу два километри од станбени згради.

Ова е најнова во серијата прекршувања на воздушниот простор на земјите на источното крило на НАТО, вклучувајќи ги Романија и балтичките држави, што ги поттикна стравувањата од прелевање на војната од Украина.

Полска активираше борбени авиони за да го обезбеди својот воздушен простор откако при руски напади во западна Украина близу границата со Полска загинаа најмалку осум лица.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека за состојбата разговарал со полскиот премиер Доналд Туск. „Овој инцидент е уште еден неодговорен чин на Русија и опасна последица од нејзината војна против Украина“, напиша Руте на Икс.

ПредходнаЕУ ќе поддржи изградба на седум центри за вештачка интелигенција
СледнаМет Дејмон за каскадерка од „Одисеја“: Таа ги има најубавите раце што некогаш сум ги видел