
Бројот на мигранти кои загинаа при обидот во четртокот и петокот да преминат од Мароко во шпанската енклава на северноафриканскиот брег Сеута се искачи на 86, соопштија денеска локалните власти.
Претходно беше објавено дека бројот на загинати мигранти изнесува најмалку 67. При напливот на мигранти од Мароко во Сеута упаднаа околу 50.000 луѓе. Според шпанското Министерство за внатрешни работи, мнозинството од нив или околу 48.300 до вчера попладне биле вратени во Мароко.
Припадници на Цивилната гарда рано утрово почнаа да поставуваат нова бариера во морето меѓу Мароко и Сеута. Бариерата ќе биде долга 500 метри, која ќе се протега од 30 до 70 сантиметри над и до еден метар под површината на морето. Таа дополнително ќе биде обезбедена со надворешен ред прицврстени пловаци што ќе ги постави шпанската Воена морнарица.
Десетици млади Шпанци незадоволни од начинот на кој шпанските властите се справуваат со мигрантската криза во Сеута, решија сами да дејствуваат и формираа групи за да ги избркаат мигрантите од оваа шпанска енклава на северноафриканскиот брег.

Како што објави „Њујорк Тајмс“, околу 50 млади мажи се собрале синоќа на плоштадот Плаза де лос Рејес во центарот на Сеута и викајќи „За Мароко!“ кон мигрантите кои се наоѓале во реонот. Неколку мигранти избегале, по што насобраните младинци почнале да ги бркаат предизвикувајќи физичка пресметка.
Некои од младите имале покриени лица, а аплаудирале секој пат кога ќе успееле да натера некој мигрант да се повлече. Одејќи низ улиците на Сеута, тие извикувале: „Да живее Шпанија!“
Сеута и друга шпанска северноафриканска енклава, Мелиља, периодично се соочуваат со обиди на мигранти да ја преминат границата и да стигнат до Европа.




